Минималната плата во Србија ќе биде 500 евра од октомври

Српскиот министер за финансии, Синиша Мали, денес информираше дека разговорите за покачување на најниската плата во Србија за идната година ќе отпочнат кон крајот на август или почетокот на септември.

„Со тоа зголемување, минималната плата од 1 јануари 2026 година би изнесувала 550 евра“, изјави Мали по седницата на Социјално-економскиот совет, каде беше одлучено најниската плата од 1 октомври годинава да биде вонредно зголемена за 9,4 проценти, од 53,592 на 58,630 динари, односно од 450 на 500 евра.

Цената на еден час работа ќе биде подигната од 308 на 337 динари. Мали напомена дека целта на Владата на Србија е најниската плата од 1 јануари 2028 година да биде 650 евра.

„Со вонредното зголемување на минималната плата оваа година и редовното зголемување од 1 јануари следната година, кумулативниот раст ќе биде 20,4 проценти, а неоданочливиот дел од приходите ќе се зголеми за толку, од 28,423 на 34,322 динари“, соопшти тој.

Даночното оптоварување на платите ќе се намали на 59,7 проценти, а минималната плата на 55,6 проценти.

Претседателката на СЕС и министерка за труд, Милица Ѓурѓевиќ, изјави дека одлуката за вонредното зголемување на цената на трудот е резултат на социјалниот дијалог во Србија и дека е донесена едногласно.

Таа рече дека околу 90,000 работници во Србија во моментов земаат минимална плата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e