-Прогласувам општа мобилизација! Мобилизирајте ги сите, средношколци, студенти, работници, државни службеници, јавни личности – најави претседателoт на Белорусија, Александар Лукашенко.
Авторитарниот шеф на Белорусија и најголем поддржувач на политиките на рускиот претседател Владимир Путин најави општа мобилизација, но не за војна, иако веќе некое време се шпекулира дека белоруската армија би можела да биде вклучена во воените операции во Украина на страната на Русија.
Лукашенко го мобилизира населението за берба и други земјоделски работи. Како што објасни – сега е одлична можност за „добра заработка“, бидејќи житариците се бараат насекаде, има недостиг, па зошто да не се заработат и пари, пишува „Јутарњи лист“.
-Русија и Кина и онака ќе купат сè – сигурен е Лукашенко, апелирајќи да не се изгуби ниту едно зрно, домат или компир, бидејќи тоа значи губење на евра или долари за белоруската економија.
Мобилизирајте ги сите што можат да работат на терен – е директивата до локалните газди низ Белорусија.
Ако човек работи 5-6 часа на терен, сите ќе бидат задоволни, и родителите и државата, а децата ќе имаат корист од свежиот воздух, ќе станат физички посилни – ја објаснува својата одлука Лукашенко.
Но, иако сè изгледа бизарно, Лукашенко всушност, според некои независни белоруски медиуми, сака да провери колку луѓе се способни за војна. Имено, мобилизациските повици за жетва ќе ги испрати локалната управа, која ќе ги наведе лицата кои се работоспособни, т.е. способни за војска, за да не се случи мобилизацијата да биде хаотична како во Русија. Списоците „жетва“ ќе бидат испратени до канцелариите за воена мобилизација, па многумина стравуваат дека ова е подготовка за вистинска воена мобилизација.
„Ќе биде интересно да се види колку луѓе ќе одговорат на овој повик од претседателот на државата, кој на почетокот на својата кариера, беше директор на колективна фарма“, пишува Јутарњи лист.