Организацијата за животна средина на Леонардо ди Каприо донираше 5 милиони долари (4,1 милиони фунти) за да помогне за обнова на дождовните шуми во Амазон по пожарите коишто избувнаа изминатиов период.
„Earth Alliance“ ќе ги даде парите на локални групи и домородни заедници кои работат на заштитата на Амазонија. Oваа година имало над 75.000 пожари низ Бразил, во споредба со 40.000 пожари лани.
„Со уништувањето на амазонските дождовни шуми се уништува и екосистем кој апсорбира милиони тони јаглероден диоксид секоја година и е еден од нашите најдобри одбрани против климатската криза“, се вели во соопштението на организацијата.
„Earth Alliance“ беше основана во јули од Леонадо ди Каприо и од двајца други филантропи, со цел заштита на дивиот свет, климата и на правата на домородните луѓе.
„Длабоко сум загрижен за кризата во Амазонија, која ги загрозува климатската рамнотежа и тамошните биодиверзитет и домородни луѓе“, напиша Леонардо ди Каприо на Инстаграм.
