Во извештајот за Косово кој денеска го усвои Комисијата за надворешна политика при Европскиот парламент се наведува дека земјата ги исполнила сите критериуми за визна либерализација од 2018 година, но одлуката за слободно движење на граѓаните не е донесена.
Извештајот содржи поддршка за Косово да аплицира за членство во Советот на Европа, како и апел до пет држави од ЕУ кои се уште го немаат признато независноста на земјата тоа да го сторат час поскоро. Европскит парламент е информиран дека Косово има намера да поднесе барање за членство во Европската унија во текот на оваа година, но е потенцирано дека не постои забрзана процедура и дека е неопходно да се нормализираат односите со Србија за да зачекори по европскиот пат.
Комисијата за надоворешна политика ја повторила поддршката за дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ за да се постигне сеопфатна правно обврзувачка нормализација на односите. Спогодбата како се наведува е клучна за двете земји да напредуваат кон европските интеграции. И Косово и Србија се предупредени дека е неопходно да се применуваат целосно сите досегашни спогодби вклучително и Заедницата на српските општини на Косово.