Портпаролката на Европската унија, Маја Коцијанчич порача дека при формирањето на новата косовска влада мора да се почитува Уставот на најмладата балканска држава, објави „Газета експрес“.
Пред разговорите за формирање на нова влада, која веројатно ќе ја сочинуваат Движењето за самоопределување и Демократската алијанса на Косово, Коцијанчич рече дека ЕУ едвај чека да се формира нова влада и да се завршат соодветните процедури.
„Европската унија со нетрпение очекува да се формира нова влада веднаш штом ќе завршат соодветните процедури. Ова е важно, за Косово да може брзо да продолжи со реформите за поддршка на економскиот и социјалниот развој, како и владеењето на правото, во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација ЕУ-Косово и на дијалогот со Белград кој ќе биде предводен од ЕУ“, рече портпаролката на ЕУ.
Еден ден откако Самоопределување победи на парламентарните избори, лидерот на партијата Албин Курти рече дека разговорите ќе започнат веднаш со косовските Срби, но не и со победникот на изборите, „Српска листа“.