Американскиот претседател Доналд Трамп денес ја помилува Алис Мари Џонсон, затвореничката која служи доживотна казна затвор поради трговија со дрога. Ријалити ѕвездата Ким Кардашијан неодамна беше на посета кај Доналд Трамп во Белата куќа за да побара помилување за Џонсон, која била осудена според осумте точки за шверц на кокаин и поминала веќе долги години во затвор.
Белата куќа соопшти дека Алис Мари Џонсон ја презела одговорноста за своето однесување во минатото, додавајќи дека таа жена во изминатите 20 години била “затвореник за пример”.
Ријалити ѕвездата Ким Кардашијан напишала на Твитер дека веста за помилување на Џонсон ќе биде најдобрата вест која може да ја добие.
Ова е последното во низата на помилувања на Трамп, а повод за тоа се залагањата на конзервативците, познатите личности или поранешни учесници на ријалити програми, проценува агенцијата.
Еден од адвокатите на Џонсон рекол дека некогашниот претседател на САД, Барак Обама го одбил барањето да ја помилува Алис Мари Џонсон, меѓутоа причините не се познати.

Трамп, претходно на 11 март побарал строги казни за трговците со дрога, вклучувајќи и можни смртни казни. Американскиот претседател рекол дека земјите како што е Сингапур имаат помали проблеми со зависноста од дрога, бидејќи казните се премногу строги за дилерите.
