Додека ме давеше, измислив дека син ми е дома, 83-годишна кумановка се спасила од убиецот од Драгоманце

Осумдесет и тригодишната Слободанка Арсовска од Куманово, благодарение на својата присебност и храброст, пред шест месеци успеала да преживее напад од 25-годишниот Т.Б. од селото Драгоманце, општина Старо Нагоричане, кој сега е осомничен како сериски убиец, пишува kumanovonews.mk.

Нападот се случил на 22 јули минатата година, околу еден часот по полноќ, додека Слободанка престојувала во својата викендичка. Напаѓачот влегол преку прозорецот од купатилото, откако ја скинал заштитната мрежа. „Кога го видов во ходникот, го прашав што бара и кој му дозволил да влезе. Ништо не одговори. Направи два чекори, ме фати за вратот и ме турна на земја. Седна врз мене и почна да ме дави. Тогаш почнав да викам по синот, измислувајќи дека е на катот. Се исплаши, ме пушти и избега низ прозорецот. Од ударот изгубив свест. Дури наутро, околу осум часот, успеав да им се јавам на децата. Кога се освестив, бев модра околу вратот, мокра и изгубена. Тогаш сфатив дека сакал да ме убие. Имав голема среќа што останав жива“, раскажува Слободанка.

Нејзината ќерка, Сунчица Трендафиловска, вели дека тогаш започнала нивната голгота. Во тој период во Куманово се одржувала младинска олимпијада, а патот кон Старо Нагоричане бил затворен поради велосипедска трка. И покрај итноста, полицијата не им дозволила да продолжат со автомобил, па биле принудени да пешачат околу еден час.

„Кога стигнавме, таа целата се тресеше. Пријавивме во полиција, која дојде дури околу 15:30 часот, кога заврши трката. До тогаш чекавме и не можевме да ја однесеме во болница. Имаше притисок 200 со 150. Среќа што сум медицинско лице, па ѝ укажав прва помош“, вели Сунчица.

По увидот, Слободанка била пренесена во кумановската болница, каде ѝ била укажана медицинска помош и биле констатирани повреди. Сепак, според семејството, не биле преземени дополнителни мерки иако напаѓачот бил пријавен со име и презиме, бидејќи немало кражба ниту тешки телесни повреди.

„Велат дека не бил во добра здравствена состојба, а чува 100 овци и кози. Ако не е добар, како напаѓа само жени? Зошто не влегол во куќа каде што има мажи? Една сосетка стави решетки на прозорците. Цела ноќ ѝ светел со телефон под прозорецот и пријавувала во полиција, но ништо“, раскажува Слободанка.

Поради страв за нејзината безбедност, семејството ја преселило во Куманово. Се сомневаат дека поради пријавата, во декември им била искршена вратата од куќата.

Тие посочуваат дека куќата на убиената 78-годишна жена се наоѓа на само неколку куќи од нивната и дека и други жени од селото се жалеле на истиот насилник. Според нив, доколку навреме бил затворен, трагедијата можела да биде спречена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e