Вишиот суд во Белград донесе ослободителна пресуда во корист на Саша Богески, кој во мај 2013 година со нож го усмрти провалникот Владимир Маниќ во својот дом во Жарково. Како што стои во одлуката на судот, Богески дејствувал во самоодбрана, поради што е ослободен од обвиненијата дека ги пречекорил границите на нужна одбрана и убил човек. Бидејќи станува збор за првостепена пресуда, обвинителството има право на жалба на Апелацискиот суд.
Кога се случи овој настан, целокупната јавност му даде едногласна поддршка на Богески. Маниќ насилно влегол во станот на семејството Богески и со шрафцигер го нападнал Саша. Богески се бранел со кујнски нож и, по кратко буткање, Маниќ избегал од станот со убодни рани, а по четиристотини метри паднал и починал. На судењата, Саша Богески се бранел со аргументите дека слушнал шумови во својот дом додека неговата ќерка и сопруга се подготвувале за спиење.
Веднаш по настанот, повеќе балкански медиуми се занимаваа со случајот на Богески и со контроверзното прашање за тоа што значи да се пречекорат условите за нужна самоодбрана, каде е границата и како е дозволено да се браните. Познавачите на состојбите и правниците тогаш објаснуваа што значи нужна одбрана. Во теорија, убиство во самоодбрана не се квалификува како кривично дело. Меѓутоа, теоријата и практиката се разидуваат во одредувањето на самоодбраната. Експертите велат дека убиството од нужна одбрана е толку тешко да се докаже што речиси и „не се случува“. Првенствено, нападот и одбраната мора да бидат во исто време, оружјето со кое се спротивставува нападнатиот мора да биде исто или помалку опасно од она на напаѓачот, а одбраната и нападот не е дозволено да се разликуваат по употребеното количество сила. Од таа перспектива, „борбата“ на Богески со крадецот и петте убоди со нож на неговото тело за бирократско-обвинителските анализи излегуваат од рамките на нужна одбрана.
Правото на одбрана на приватниот имот и одбраната на својот и животот на сопственото семејство е несомнено право, но само на телевизија, во холивудските филмови и серии, каде што може да се забележат вакви примери. Следствено, во САД правото на живот и домот, како приватен имот, е свето. Едноставно, нема што да барате во туѓ дом ако не сте повикани. Не постои можност правата на криминалецот и на крадецот да бидат пред правата на недолжниот човек, кој не избрал да се најде во ситуација очи во очи со непознат напаѓач. Но во Србија, а и општо на Балканот, приказната е сосема различна. Во државата во која никој не поседувал ништо, освен тоа што му го дала државата, приватниот имот не е можно да се карактеризира како нешто „свето“.
Целиот текст на Нова Македонија прочитајте го тука