Поранешниот американски претседател Џорџ Буш постариот повторно е примен во болницата во Хјустон поради воспаление на белите дробови. Неговиот портпарол Џим Мекгрант изјави дека 92-годишниот Буш бил хоспитализиран во петокот по непрекинато кашлање, по што е дијагностицирана блага форма на воспаление на белите дробови.
Ова е вторпат во последните три месеци Буш да заврши во болница поради респираторни проблеми. Мекгрант наведе дека воспалението е санирано и дека Буш е во фаза на закрепнување, како и дека ќе остане во болница сè додека не си ја поврати силата.
Буш беше 41. претседател на САД, од 1989 до 1993 година. Медиумите напоменуваат дека Буш боледува од Паркинсонова болест поради што е во инвалидска количка.