Српската премиерка, Ана Брнабиќ денеска изјави дека укинувањето на безвизниот режим за граѓаните на Србија за патување во ЕУ би било без преседан и според неа – таква можност реално не постои.
– Мислам дека нема таква можност во реалноста. Тоа би било без преседан. Тоа не би било во согласност со европските вредности или меѓународното право, така што не верувам дека сме блиску до тоа, изјави Брнабиќ. Претставничкиот дом на холандскиот Парламент, како што пренесуваат белградските медиуми, на 8 декември усвоил резолуција со која ја повикува својата влада да се заложи во Брисел за привремено суспендирање на безвизниот режим за Србија, доколку не ја почитува визната и надворешната политика на Европската унија, односно доколку не воведе санкции кон Русија.