Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ за РТС изјави дека луѓето на северот од Косово се излезени на барикадите затоа што бараат основни човекови права и ништо повеќе. Таа посочува дека се плаши од ескалација на ситуацијата на теренот, но дека „ќе направиме се за да го зачуваме мирот и некаква стабилност“.
Српската премиерка Брнабиќ изјави дека „и се чини оти Брисел и Вашингтон ги слушаат Србите од Косово само кога се на барикадите, но дури и тогаш не баш добро“.
-Длабоко сум разочарана од нивното (Брисел и Вашингтон) разбирање за основните човекови права и демократски вредности и нивниот одговор на бројните провокации на Албин Курти, рече Брнабиќ за РТС, наведувајќи дека „европските институции сите овие провокации немо ги гледаат”.
Според српската премиерка „ситуацијата е доведена на работ на конфликт, вооружен конфликт, мислам дека тоа е оценка на сите служби на Косово и Метохија и на сите оние кои го следат тоа што е се случува таму“.