Потенцијално смртоносен вид бактерии, кој претходно беше забележан само во јужна Азија, Африка и во Австралија, првпат е откриен во примероци од почва и вода собрани во САД, соопшти во средата американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ).
Бактеријата наречена Burkholderia pseudomallei, пренесува „Еј-би-си њуз“, може да предизвика болест наречена мелиоидоза за која е познато дека е фатална.
Во САД секоја година се евидентираат десетина случаи на мелиоидоза, обично кај луѓе што претходно живееле во странство.
Но, во средата ЦДЦ објави дека бактеријата била пронајдена во примероци од почвата и водата собрани по должината на брегот на заливот Мисисипи и издаде предупредување за здравјето на сите лекари во Америка да внимаваат на можни знаци на мелиоидоза, кои може да бидат нејасни и вклучуваат кашлица, треска и болка во градите.