Мнозинството Германци, односно 68 отсто од нив, не сакаат нивната земја да биде воен лидер во Европа, покажува новото истражување на јавното мислење на Институтот Кантар Паблик, нарачано од фондацијата Кербер.
Исто така, истражувањето покажа дека околу 80 отсто од Германците стравуваат дека војната во Украина може да се прошири на територијата на земјите-членки на НАТО, на балтичките држави или Полска, пренесува Дојче веле.
Повеќе од една третина од Германците, или 69 отсто од анкетираните, стравуваат од руски нуклеарен напад, 31 отсто од анкетираните се „многу“ загрижени, додека 38 отсто се „помалку“ загрижени.
Мнозинството анкетирани Германци го поддржуваат долгорочното зајакнување на Бундесверот – 60 отсто од граѓаните поддржуваат повисоки расходи за одбраната.
И покрај заострувањето на ситуацијата во светот, околу 52 отсто од анкетираните сè уште сакаат Германија да биде меѓународно воздржана.
Во овој поглед, не е многу променето од мислењето на Германците од 2017 година, наведува Дојче Веле.
Тоа се совпаѓа со резултатите од актуелното истражување на „Дојчландтренд“, според кои мнозинството Германци поддржуваат поголеми дипломатски напори за завршување на војната, додава Дојче веле.
Институтот за политичко-социјални истражувања „Кантар Паблик“ анкетирал 1.088 граѓани на возраст над осумнаесет години, во периодот од 2 до 11 август годинава.