Согласноста помеѓу претседателот Стево Пендаровски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека учесниците во 27-априлските настани во Собранието не се терористи, е суштински нов елемент на современата македонска политичка сцена. Петочната средба, што е договорена врз таа согласност помеѓу овие двајца врвни македонски политичари, претставува драматично поместување на силите во сегашниот „распоред“ на политичките фактори во Македонија.
Во случајот на Мицкоски, во тој став нема ништо ново: тој со години повторува дека претепувањето на пратениците во Собранието и загрозувањето на физичката безбедност на низа други таму присутни лица (меѓу кои и бројни новинари) е, буквално, заслужено, бидејќи одлуката на тогашното ново собраниско мнозинство да формира влада претставувала провокација за оние кои упаднаа, а потоа и дивееја, во Собранието – меѓу нив, и самиот тој, на време заминат пред почетокот на тамошниот хаос. Неговата поддршка за тие насилства, во невешто спакувани благи дистанцирања од најкрвавите моменти во таа драма, континуирано ја искажува на јавната сцена од 2017 година до денес.
Во случајот на Пендаровски, ситуацијата е покомпликувана: неговото експлицитно изјаснување со поддршка на ставот на опозицијата наиде на, најблаго речено, зачуденост, па и збунет молк во јавноста, бидејќи за разлика од „леснотијата“ со која Мицкоски постојано ги брани најрадикалните националистички и шовинистички сили во својата партија, невозможно е Пендаровски да не ги разбира политичките импликации од објавувањето на својот став по ова прашање.
Нивната средба во петок, очигледно, ќе помине во разговор за тоа на кој начин да се ревидира судскиот процес за 27-ми април. Во него веќе има и пресуди, а Обвинителството работи на докажување на вмешаноста на инспираторите, организаторите и „командантите“ на овој акт на тероризам, со веќе јасно докажани намери за ликвидации во собраниската сала. Просто е неверојатно, по неколку години потрошени на осамостојување на правосудниот систем во државава токму од политички влијанија – што е во фокусот на најсуштинските реформи на кои инсистираат ЕУ и НАТО – претседателот на државата и лидерот на опозицијата да вршат ваков флагрантен, нескриен притисок врз судството за процеси кои се во тек.
Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил медиа на следниот ЛИНК.