Го сакам Балашевиќ затоа што ме потсетува на среќа, на младост, на првата љубов, на другарството, на војска, работни акции, студентски демонстрации од кои им замрзнуваше крвта на политичарите, ме потсетува на отпор, на пркос, на гордост, на чесност, на вистинска слобода, „не ломите ми багреме,“ ќе нѐ однесе ветерот, „власт е власт, ама ред е рееееед“, ме потсетува на Панонско и Јадранско море, на Триглав и најубавото зеленило во светот, оризовите полиња во Кочани, ме потсетува на мирисот на дуњите врз креденецот во гостинската соба во нашата куќа и насмевката на мајка ми, на мојата прва учителка, ме потсетува „како се некад јело и пило“, на моите другари со кои одев автoстоп низ Југославија да откријам колку е голема и да ја запознам Катрин, ме потсeтува на Хвар, на Вaрдар кога му дадовме пет гола на Партизан, на раскошот на дрвената клупа и ѕвезденото небо над Биоково. Ме потсетува на „т’га за југ“ и „прошек“. Ме потсeтува на најдобрите кошаркари, фудбалери, ватерполисти, спортисти… во светот. На моите идоли. Сето тоа беше наше и мое. Наша, и моја лична сопственост.
И сега Балашевиќ подостарен, двајцата сме дедовци во исто време, пак ме потсетува дека сето тоа го изгубивме како на комар, како во една партија покер, не како со оној негов симпатичен гамен „Божо звани пуб који вара мало боље“, туку во руски рулет со девет куршуми во буренцето кои ни ги подметнаа големите измамници. Џабе биле коњи врани, на ливада разиграни, џабе било сѐ. Југославија умре среде балканската биртија поради невозвратена љубов. Да, умре Југа, ама сепак не сме лузери, како што пее Балашевиќ за себе и за нас.
Го сакам Ѓорѓе Балашевиќ затоа што ја прифати новата реалност, а не ги заборави убавите работи од минатото. Затоа што неговата балада не нѐ враќа само во минатото туку и нѐ предупредува за иднината. Неговите песни и стихови ни кажуваат дека не е сѐ изгубено, дека има уште многу да се губи ако не ја научивме тажната приказна за исчезнувањето на една држава. Го сакам Балашевиќ оти пее дека е славјанска душа и оти со тоа се гордее, како и стотици милиони Словени. Југославија не беше мала како што мислевме, а дознавме колкава е кога ја снема. И нашите нови татковини не се мали, но уште не е завршена опасноста од нивно исчезнување, па да дознаеме колку се големи. Балашевиќ одамна со сета во гласот испеа „патувај Европо, не сметај на нас“.
Ерол Ризаов (Објавено во „Утрински весник“ на 22.04.2013)