Знаат ли Македонците

Во последниве месеци почитувани, особено по ратификацијата на Преспанскиот договор во Грција, кога се заврши успешно една голема работа, некако неизбежно на средбите со меѓународни претставници на кои присуствувам, службено се разбира, покрај вообичаените честитки за успехот кој го постигнавме, онака неформално меѓу редови кога разменуваме по некој збор, како да сакаат да ни кажат “ Абе вие знаете ли што направивте“, и го велат тоа со некое благопријано задоволство и насмевка, се чувствува тоа, како не, и некако веднаш станувате горд и важен и секако подостоинствено ги гледате, од повисоко, се разбира.

Да, голема работа се заврши. Нашата земја, нашата мала Македонија седна рамо до рамо со најголемите, најсилните, најмоќните. Со ова верувам дека го исполнивме сонот на многу генерации кои замислуваа и се надеваа дека еден ден ова може да се случи, епа ете го исполнивме тоа и треба сите да бидеме горди затоа што мислам дека се уште во потполност и не разбираме што направивме. Оваа генерација политичари го направи тоа. Секако и други генерации пред тоа дадоа голем придонес. Но сепак не сите. Едни се бореа за ова лавовски, други исто така лавовски со сите сили водеа борба ова да не се случи, но нашите граѓани добро знаат кои беа и едните и другите.

Мора да кажеме на цел глас, дека една мала балканска земја, внатрешно раскарана и поделена по многу основи, со заробени институции, на работ на конфликт и неизвесност за својот опстанок и иднина, успеа да стане светла точка во регионот и да влезе во најмоќниот сојуз во светот, сојуз кој ги отвора перспективите за една посветла и поизвесна иднина на сите нас, само не знам дали знаат македонците за ова, ама ако не знаат треба да знаат. Кога велам дали знаат македонците се надевам не ме разбирате погрешно и не ми се лутите. Имам за жал впечаток дека не до крај сите разбираат и не до крај на сите им е јасно што значи ова за нашата Македонија.

Кога го потпишавме договорот со Бугарија сите ние кои го поддржувавме ова бевме напаѓани со денови дека тоа е предавство. Денес слушнавте дека по потпишувањето на договорот нашата трговска и економска размена со Бугарија се зголемила само за една година некаде скоро 20%, и има навестување дека ќе следи целосно укинување на царинските давачки меѓу двете страни, па каде се сега тие врескачи и патриоти да напаѓаат, некако замолкнаа. Исто така Република Бугарија беше првата земја која се изјасни дека по Република Грција прва ќе го потпише протоколот за НАТО. Тоа се вика реална политика а не предавство. Така ќе биде и со Грција, бидете убедени во тоа дека ќе стане еден од нашите најголеми трговски партнери, ќе гледате, ама сето тоа не е предавство, тоа се вика рационална и паметна политика. Кога нашиот глас на столчето во НАТО во Брисел ќе биде рамноправен со оној на САД, Велика Британија, Франција, кога нашите одлуки ќе бидат со иста сила и тежина како нивните, тоа не е предавство, кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ и кога поглавје по поглавје ќе го рестартираме и реформираме целиот наш политички систем тоа никако не може да биде предавство, кога ќе почнеме да го реформираме судството и да ги чистиме еден по еден бандитите од своите редови без разлика дали се пратеници, министри, судии, директори тоа не може и не смее никогаш да се нарекува предавство. Ама простете пак ќе прашам, а знаат ли за ова македонците.

Сега искрено не мислам дека не разбираат сите оние од опозицијата кои овие месеци онака жестоко обвинуваа за некакво предавство, не они добро разбираат само беа убедени дека по ова прашање ќе успејат да го кренат својот рејтинг злоупотребувајќи ги емоциите на нашиот народ, па сите наеднаш ќе им поверувале дека се патриоти и они ќе дошле на власт, како не бе, така е, ама не бива таа работа. Повеќе од една година се обидуваа да создадат политичка криза и целиот овој процес да пропадне ама не успеаа, за среќа на македонскиот народ. Ама ајде и нив да ги прашаме, знаат ли они што направивме.

Но овие денови некои работи кои се случуваат секако треба да ги искоментираме, особено како да сакаат да го засенат нашиот успех за она што се случуваше неделава со потпишувањето на протоколот за НАТО.

Деновиве а особено од вчера се крена голема бура околу распределбата на финансиски средства од министерството за култура, минатите десетина дена се занимававме со парите од вториот пензиски столб и меѓусебните обвинувања од страна на некои министри. На крајот добро е што овие работи се отвораат во јавност и сите имаат можност да видат како треба да биде во демократско општество, абе ќе се тепаме јавно и транспарентно со аргументи па нека гледаат сите и нека фаќаат сеир, така треба. Апсолутно кој бил одговорен во случајот со пензискиот фонд и доколку постои одговорност мора да ја понесе па кој сака нека биде, од која сака партија нека биде, тоа верувам ќе се заврши. Исто така доколку има неправилна и нетранспарентна распределба на парите во културата и за таму треба да се понесе одговорност. Не може за Скопскиот џез фестивал кој е бренд на Скопје и Македонија да нема пари и непостои таков функционер кој би ја опструирал оваа манифестација, треба да се утврди каде е проблемот и верувам ќе се реши. Ама не може сега сите да ги напаѓаме само ДУИ дека ни се виновни за се. Во ДУИ има многу квалитетни и професионални луѓе кои се на високи функции и кои добро и одлично ја вршат својата работа. Во целиот овој период до потпишувањето на НАТО протоколот мора да признаеме дека ДУИ се однесуваше државнички. Но знаете како, секаде има бандити, во секоја партија ги има, а каде нема. Треба сите заедно од двете страни и албанците и македонците да престанеме да флертуваме со примитивниот национализам, таа епизода веќе завршува постепено, нема публика за тој филм веќе. Работата е да ги тргнеме бандитите од своите редови и јас гледам дека тој процес е веќе започнат и неповратен, ќе видите како ќе ги снемува бандитите и криминалците во политиката.

Но еве пред нас некако тивко почнуваат подготовките за претседателските избори. Да видиме што ќе биде. Јас мислам дека со кандидатурата на Влатко Ѓорчев за претседател ќе започне и падот на Христијан Мицковски без разлика на тоа кој ќе добие поддршка на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, дали Влатко или професорката Силјаноска. Рејтингот на Влатко во партијата е многу посилен од тој на професорката и мислам дека нема тој самиот да се сложи да биде пуштен низ вода од страна на раководството или да биде само икебана на конвенцијата, затоа што гледам дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ веќе на големо ја промовира како свој кандидат Гордана Силјаноска. Но тоа не е ни толку битно. Голем фаворит на овие избори и веројатно иден претседател на Македонија ќе биде кандидатот на владејачката коалиција околу која ќе се собере голем број на оние партии и поддржувачи кои излегоа на референдумот и кои се за европска Македонија, верувам во уште една голема победа на овој кандидат кој и да е.

м-р Глигор Стоименов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e