Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Ерол Ризаов за „Независен“.
-Претседателот на државата Ѓорге Иванов сѐ уште е на таа функција под неразјаснети околности, најверојатно само затоа што надлежните институции и обвинителства, судски инстанци и Собранието не покренуваат постапки да се применат уставните одредби. Овој човек кој девет години е на чело на државата, по прилично сомнителни избори, по сите злодела што ги направи и натаму непречено ја упропастува државата и ја вознемирува јавноста секој ден со одлуки и закани за нарушување на интересите и угледот на Македонија. Ако не биде седнат на обвинителна клупа, ќе одговараат и тие што го толерираат и со тоа стануваат негови соучесници.
Во македонскиот устав има одредби што треба да се прави, кое чаре да се бара за непресметливо и недолично однесување на претседателот на државата и за негово ин флагранти попречување на правдата и владеење на правото. Не може да поминат неказнето во правна држава партиски штимуваните аболиции и пишман аболиции и помилувања за осомничени високи функционери и политичари збрани во злосторничка мисија против сопствените граѓани. Никогаш не застаруваат делата за кршење на човековите права и слободи, за повикување и подбуцнување да се изврши државен удар со кршење на Уставот и оневозможување на мнозинството да конституира Собрание и влада по веродостојни избори, при што како директна последица има крвопролевање и обиди за убиство на пратеници во законодавниот дом. Може ли да поминат неказнето одлуките на претседателот Иванов кои директно предизвикуваат подривање на општествениот поредок и попречување на иднината на Македонија и нејзините граѓани.
Колумната на Ерол Ризаов во целост прочитајте ја ТУКА.