Пишува Владимир Николовски за Нова Македонија
На повеќето граѓани на Грција очигледно им станува јасно дека нивната држава со години води погрешна политика кон Република Македонија, а најдобар показател за тоа е што едвај триесетина илјади лица излегоа на вчерашниот протест во Солун за „одбрана на името“ организиран од неколку националистички организации. Станува збор за смешна бројка протестанти ако се земе предвид дека во Грција живеат 11 милиони жители. Вчерашниот протест и тоа како се разликува од протестот во деведесеттите години од минатиот век кога на улиците на Солун излегоа речиси милион грчки граѓани.
Од политичките партии што се дел од грчкиот парламент, Сојуз на централисти и Златна зора, официјално соопштија дека ќе учествуваат во собирот, но тоа не треба да зачудува ако се земе предвид дека станува збор на политички групи на кои им се поблиски нацистички идеологии отколку демократските принципи. Зачудува што и црковни лица, кои водејќи се од христијанството треба да поттикнуваат мир и почитување изминатава недела одржаа протест, што само покажува дека кај нашиот јужен сосед постојат закоравени структури што се подготвени да ги злоупотребат религиозните чувства на луѓето за политички цели. Вмешувањето на религијата во политиката отиде дотаму што солунскиот митрополит Антимос одржа свечена литургија со порака дека Македонија била, е и ќе остане грчка.
Агенциите пренесоа дека на свечената литургија што траела речиси три и пол часа, во своето 30-минутно обраќање солунскиот митрополит порачал дека порачал дека „Скопје нема ни стара ни понова историја“.
Ваквите патетични фрази и тврдења одат во прилог на нашата земја – Република Македонија, која е членка на Обединетите нации, има свои граници, свој јазик, свој Устав и развиено мултикултурно општество на кое може да му позавидат не само Грците, туку и повеќето земји од Европа и од светот. Жално е што во 21 век сѐ уште постојат поединци на кои им е свежа грчката државна пропаганда од минатиот век, која се манифестираше преку експлоатација на името Македонија, преименување на државни објекти, аеродроми и што уште не, само за да се нагласи грчкиот карактер на зборот Македонија.
Изненадувачка беше веста од Солун дека речиси во исто време со собирот за „одбрана на името“, левичарски и анархистички организации одржаа контрапротест на кој можеа да се видат пароли „Против секаков национализам“ и „Ни капка крв за имиња и меѓу државни конфликти“. Тоа исто така оди во прилог на нашата земја – Република Македонија со оглед на тоа што првпат по подолг период во Грција се јавуваат движења и структури што отворено бараат да престанат неразумните грчки политики кон нашата земја.
Затоа, закоравените граѓани во Грција треба еднаш засекогаш да сфатат дека северно од нив има држава што се вика Република Македонија и дека современата македонска држава е изградена на темелите на Крушевската Република со одржувањето на првото заседание на АСНОМ во 1944 година и референдумот за осамостојување во деведесеттите години од минатиот век. Нашата држава нема никакви територијални претензии кон ниту еден сосед, ниту пак ги ограничува правата на другите националности што живеат на оваа територија. Напротив, Република Македонија отворено декларира дека сака добрососедски и пријателски односи со сите земји од регионот, вклучувајќи ја и Грција.
Поради тоа, во овој галиматијас на туѓи влијанија и настојување да се најде решение за проблемот за името македонските граѓани, а особено македонските политичари треба да покажат мудрост и да останат доследни на нашата историја и на залагањата да се одржат идеите на Крушевската Република и на асномска Македонија.