Иако во Давос присуствуваа 65 шефови на држави и влади, Мицкоски не оствари средба со ниту еден од нив. Не се истакна ни со предлози и иницијативи од државен интерес, туку по вредноста на часовникот на неговата рака.
Симболиката е поразителна: луксуз на премиер кој претставува држава на дното на Европа по минимална плата, во која 400.000 лица живеат под прагот на сиромаштијата и преживуваат од месец во месец.
Ова не е прашање на вкус, туку на морал и политичка чувствителност. Во земја каде граѓаните бројат денари за се’ поскапите сметки за храна, лекови и струја, премиерот испраќа јасна порака – дека за него луксузот е поважен од реалноста на народот.
Уште попоразителна е паничната, конфузна и трагикомична одбрана на неговата партија. Преку официјално сооштение не’ укорија дека „Мицкоски добро заработил пред да биде премиер“, иако истиот тој Мицкоски до вчера јавно зборуваше „едвај врзувам крај со крај“ и “не ми стига платата за сметки и храна, па седиме дома во топла облека и не пуштаме грелици, седиме со џемпери и шалови”.
Денес, Мицкоски не само што се оддалечи од граѓаните – тој отворено им се потсмева. Се повикуваше на сиромаштија кога тоа му носеше политички поени, а денес се крие зад приказна за „добро заработени пари“ кога треба да објасни луксуз што не може да го оправда.
Ова е слика на власт што го изгубила компасот, на партија без капацитет, политичка доследност и елементарна искреност, и на премиер кој во Давос не ја претставуваше Македонија, туку сопствениот стил на живеење – скап, арогантен и целосно отуѓен од народот.
Часовникот му е скап.
Вистината – уште поскапа!
ФБ став на Андреј Жерновски
