Заедно сме посилни
Добиваме Влада која очекувам да биде најдобриот пример од сите досегашни каде извршната власт ги става државните интереси над партиските. Токму затоа, убеден сум дека во мандатот 2020-2024 ќе се работи посветено за интересите на граѓаните и државата.
Принципите на кои се темели новиот коалициски договор се поставување на одговорни и отчетни кадри во сите ресори, рамноправно учество на жените и мажите во извршната власт, јакнење на економскиот стандард, неселективност во борбата со криминалот и корупцијата на сите нивоа, проверка на имотот на функционерите и намалување на досегашните привилегии, зголемување на транспарентноста и отчетноста на сите сегменти на власта, како и заштита на животната средина.
Воедно, го објавуваме повеќе од потребниот крај на т.н. Пржинската влада. Се укинуваат техничката влада и техничките министри, се менува изборниот модел, се намалува обемот на администрацијата за 20 проценти, а сите вработени по рамковниот договор конечно ќе тргнат на работа.
Останувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција и во наредните четири години дава одлична можност партијата да се модернизира, да се приклучи кон нашиот евроатлански пат, но и да се ослободи од криминалните кадри кои сѐ уште ја носат сликата на Груевски во своите дебели паричници.
Да резимираме.
Денеска добивме одлична вест и таа гласи: нашата држава продолжува напред!
Да им посакаме успех на храбрите лидери, кои денеска потврдија дека знаат и умеат да носат храбри одлуки во интерес на стабилен и кохерентен четиригодишен мандат.
ФБ статус на Андреј Жерновски