Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:
-Зошто се чудиме на големите опозициски опструкции? Кога Груевски падна, зарем не констатиравме дека ќе треба многу време за да се демонтира груевизмот од општеството. Тој процес не е завршен. Поточно, не е ни почнат.
Дел од инiцијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ први се уверија колку е мачно и тешко да завладее демократски дух во партијата, а камоли таа промена да рефлектира и бенефити за општеството. И така ќе биде се додека на челна позиција седи Груевски, односно негова комплетна реплика, односно цел Ж-тим.
Сите заедно уште попосветено го негуваат груевизмот како ретка билка која мора да се спаси од исчезнување, го чуваат небаре се две-три ретки капки зачувана есенција која не смее да испари, бидејќи во неа е тајната за вечна и несанкционирана власт. Нешто слично како секојдневно подготвување напивка од комбуха. Само што таа навистина има некакво делотворно дејство, а ова другово е како да секој ден да го храните општеството со двојна доза солна киселина.
Што има патриотски во тоа да се живее со сеење поделби и злоба и да се опструира државата на штета на сите? Ставот „опструирам, значи постојам“, одамна не бара политичка анализа, туку стручна дијагноза. Особено, кога и самите актери го признаваат делото. Груевски вели: „ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде уценето. Ако ВМРО-ДПМНЕ е уценето, уценета е и Македонија“.
Ова го кажува човекот што со години ги уценува сите пратеници и градоначалници со меници. Неговата идеологија е владеење со закана и страв. И тие меници, иако се тотално незаконски, се уште некаде ја играат нивната функција.
По толку „бомби“ и наводни податоци каде се тие депонирани, нејасно е – зошто до денес не е разбиено дувлото од каде уште се инструментализира однесувањето на пратениците според заканата со мениците? Од аспект на слобода на став, мислење и одлучување, многу е позначајно да се осуети модерното ропство во ВМРО-ДПМНЕ и да се ослободат луѓето од притисоци и закани.
И тука вистинската улога требаше да ја одигра новиот партиски претседател, да покаже свест за политичкиот момент и одговорноста, наместо дополнително да ја заробува партијата со дисциплинирање на секој став што отскокнува од партиските догми.
Целата колумна на Призма на следниот ЛИНК.