Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Ордановски за ЦивилМедиа:
-Како што и можев да претпоставам, текстот за скопските улични џукели, прочитан од десетици илјади читатели, предизвика лавина од реакции. Најголем дел од реакциите се позитивни (што е помалку важно), но десетици читатели жестоко реагираат (најчесто со директни навреди и дисквалификации – „дебела свиња“, на пример; или „Друже Северџан“, бидејќи Ромите се помалку важни и од џукелите) на моите ставови и мојот речник, со кој уличните кучиња во Скопје ги нарекувам – џукели.
На социјалните мережи имам еден принцип: речиси никогаш јавно не одговарам на читателите кои ме фалат или ме критикуваат. Јас покренувам и дискутирам за теми кои се од (некаков) јавен интерес, а читателите имаат право да се согласат или не со моите ставови. Додуша, би требало да немаат право да навредуваат и клеветат, но таквото очекување од некој едикојси кој решил да лечи некакви свои фрустрации на фејсбук би било преголемо. Сум прифатил дека во ова што го работам има и извесна терапевтска димензија. Ако им е подобро така, отколку да пробаат со медикаменти, јас сум ОК.
Но, занимливи се неколку „линии“ на напади и дисквалификации…
Прво, кога некои не се согласуваат со вас, тогаш вие мора да сте платен од власта за своите ставови! Оти, ако, во случајов, не ме плаќа некаков Петре Шилегов, јас не можам, бесплатно, да имам и свој став за џукците!
За ова, донекаде – доколку не е резултат на чиста злоба во напад на афект – имам и разбирање: со години, скапо платената пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ подразбираше низа новинари и други јавни личности, (и) за пари, жестоко да ги промовираат и бранат ставовите на таа власт, вклучително и преку ефикасен систем на дисквалификации и дискредитации на секој кој не се согласуваше со тој режим. Таа практика тешко се искоренува во општеството, не само кај која било власт која мисли дека со пари сè може да се купи, туку и во дел од јавноста која мисли дека за пари секој може да се купи. Тоа е.
Koлумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја ТУКА.