Целиот текст е превземен од ЦивилМедиа.
За разлика од повеќето овдешни коментари кои однесувањето на македонскиот амбасадор во Вашингтон во врска со игнорирањето на посетата на министерката за одбрана Шекеринска на нашиот стратегиски партнер, САД, во најлош случај, го третираат како политички и дипломатски скандал, а во најдобар случај како однесување на еден напудрен политички недокваканко кој не е во можност да ја процени сериозноста на своите постапки, јас мислам дека работите, за жал, се малку посериозни од тоа.
Имено, се чини неверојатно дека македонскиот амбасадор во САД преземал вака сериозни антидржавни активности на своја рака. Напротив, постојат големи шанси дека за ваквото свое однесување тој не само што се консултирал, туку и добил инструкции од Кабинетот на Претседателот на државата, Ѓорге Иванов.
Од друга страна, познато е дека во Кабинетот на нашиот претседател, кога се размислува за иднината на македонската кауза, превладуваат силни антизападни и антиалбански, односно просрпски и проруски емоции и развиени политички, дипломатски и разузнавачки врски со Москва и со Белград. Стратегијата на Кабинетот на Иванов – кој, да потсетиме, по насилствата на 27 април минатата година требаше да прогласи вонредна состојба во државата и да помогне во инсталирање не само на криминален, туку и на јасен антизападен режим во Скопје – е на секој начин да се поткопа можноста за зачленување на Македонија во НАТО. На таа задача кај Иванов се работи 24 часа дневно.
Според тоа, однесувањето на македонскиот амбасадор во Вашингтон би морало де се гледа во таков контекст: неговите постапки не се резултат на хировите на некаква самобендисана будала чиишто политички газди ги изгубиле последните избори, па тој се одмаздува на Владата во Скопје со правење дипломатски скандали во престолнината на најмоќната држава во светот; туку може да се резултат на промислена операција и дадени иснтрукции кои имаат за задача да ги поткопаат стратегиските ориентации на неговата земја во најчувствителните државни области, како што се одбраната и надворешната политика.
Целата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа прочитајте ја ТУКА.