Забележувам дека расте возбудата и околу тоа дека во пресрет на празничниот викенд, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, не само што се појавил, туку и иницирал ТВ дуел со премиерот Зоран Заев. Велат дека тоа бил голем демократски исчекор, наспроти Никола Груевски кој одбиваше да се појавува на ТВ дуели.
Јака демократија е кога лидерот на опозицијата го брани перфектното владеење на неговиот претходник. Кога Христијан Мицкоски се однесува како минатите 12 години да живеел во некоја друга Македонија, во која не бил премиер Никола Груевски. Во некоја Македонија во која немало партиско киднапирање на државата, безочно крадење на буџетот, тешко нарушување на основните човекови права со масовно прислушување… Во некоја Македонија во која партијата на која сега е претседател Христијан Мицкоски не учествувала во организиран напад на Собранието, при што „да сакале да го убијат, ќе го убиеле“ и лидерот на парламентарното мнозинство.
Христијан Мицкоски од паралелната Македонија кажува што му требало на народот. Па уште и кога тоа ќе го каже агресивно и дрско на телевизија, мајтапејќи се со струмичкиот дијалект на Заев, може и тебе да те телепортира во неговата Македонија. Во која не била на власт неговата партија, таа чиешто цело претходно раководство се влече по судови, кој за кражба на пари, кој за кражба на избори, кој за насилство…
Зошто треба да сме среќни дека Мицкоски се појавил на дебата? Тоа што го кажа не е ништо поразлично од тоа што го правеше Груевски. Искрено, не ни очекував од него да побара прошка за злоделата направени минатите 11 години. Не очекував ни да се извини. Можеби, евентуално, очекував да се огради од Груевски и начинот на кој тој владееше со Македонија. Ама не. Мицкоски не покажа дури ни дека е свесен за злоделата што ги направи Груевски во име на неговата партија.
Целата колумна на Горан Михајловски за СДК прочитјате ја тука