Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Кокаланов за Призма:
-Има еден добар виц во денешните новини. Посетители во фабрика за производи од гума се шетаат со водич низ халите. Прво се во секторот за производство на бебешки цуцли. Сè функционира беспрекорно. Следен за посета е департментот за производство за кондоми. Навидум и овде сè е во совршено ред.
Но, чекајте, една жена во бел мантил стои до лентата и го продупчува секој десетти кондом. Вџашени, посетителите прашуваат зошто онаа госпоѓа намерно ги оштетува кондомите, а обезбедувањето не презема ништо.
– А, не, таа е наша вработена. Знаете, како да ви кажам, сепак, имаме и сектор за бебешки цуцли – одговара водичот на гостите.
Македонија е една голема фабрика за разноразни компромиси. Некои се морални, други мора да се направат, ама не се баш морални.
Жал ми е за СЈО, ама дека во оваа наша голема фабрика за консензуси и компромиси, се чини ним им се падна да бидат оној десеттиот кондом што мора да биде пробушен.
Сепак, треба да живеат и другите сектори во државава, не само правната држава.
2.
Бомбите, така, полека, но сигурно заминуваат во историјата. Со законските промени, најверојатно, ќе се најде некој модус СЈО формално да преживее, но не и снимените материјали од кои тоа ја црпи смислата на своето постоење.
Попрецизно кажано, за „старите“ случаи ќе пука сè уште по некоја бомба по судниците додека се изведуваат доказите. А за новите, обвинителите ќе треба да си најдат нови докази.
Добро, ќе станат историја, но за да не паднат во заборав, ни се пружа ретка историска и деловна можност да им обезбедиме вечен паметник. Притоа, тоа можеме да го направиме различно од претходната власт – без корупција, без бронза, восок, мермер, стиропор, без милионски хонорари на вајарки, без да го упропастиме главниот град или некој негов јавен простор…
Едноставно, постои готов меморијален центар, веќе изграден за слична намена, а, каква среќа, неодамна огласен е на продажба.
Да, веста е точна. Србија го продава Меморијалниот комплекс „Бошко Буха“. Комплексот опфаќа спомен-куќа, музеј, дом на културата и бронзен споменик на бомбаш. Иако изграден далечните седумдесетти години од минатиот век, со скромни донации на пионерите од целата бивша Југославија, Србија го пушта на лицитација, а ние, како единствена од земјите-наследнички на поранешната држава која ревносно ја чуваше бомбашката традиција и во новите времиња, треба да се јавиме на наддавањето.
Со минимални прилагодувања, комплексот ќе може да прими екскурзијанти од целата Татковина. Ученици, студенти, историчари, вљубеници во правната држава, во спомен-куќата ќе може да изгледаат пресови на Катица, Фатиме и Ленче, или со три-де очила да изгледаат некое од судењата на предметите на СЈО.
Koлумната на Сашо Кокаланов во целост прочитајте ја ТУКА.