Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа:
-„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“, ќе рече Цибра во „Тетовирани души“.
Ете ви ја целата македонска современа судбина во една реченица на Горан Стефановски. Од вчера, и тој е дел од нашето, пославно, минато кое никогаш, за среќа, нема да си отиде.
Во неговите драми вакви лапидарни генијалности на умот има колку сакате – на пример, половина реплики од „Диво месо“. Начинот на кој Горан драматуршки го капсулираше македонскиот дух, тоа постојано летање во место, таа стаклена менажерија од фатализам, непрактична сентименталност, потиснат гнев и итроштина на опстанокот, како во долга и не многу весела (иако, често, унковистички духовита, но секогаш на сопствена сметка!) етнографска студија, далеку ги надминуваа врвовите на театарскиот занает.
Всушност, Горан слободно можете цел семестар да го предавате на катедрите за современата македонска национална историја или на оние за социјална психологија и студентите и да не забележат дека зад таа материја стои драмски автор. Оти, Горан, одозгора, беше драмски автор, ама под дуплото дно и филозоф и социолог и психолог и политолог…
На неговите претстави цела нација одеше како настинати на бајачка, со голема возбуда, неизвесност и високи очекувања, за Горан да ни побае, како оџата со пердув, да ни види во талогот од кафето дали нè чека писмо или долго патување и колку е длабока дупката таа црна.
Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.