Ние бевме шест паралелки во генерација со по 30-35 ученика – ми вели една пријателка. И ние бевме отприлика толку. Сега кај внук ми во шестто одделение има 3 паралелки со по 15 деца. Каде се учениците? Всушност каде се децата? Или најконкретно каде се луѓето? Во потрага по подобар живот. Едноставно луѓето се помасовно се отселуваат за да егзистираат поубаво, покомфорно, побезбедно и подостоинствено. Праксата е најчеста во малите градови и руралните средини во земјава.
Младите со поддршка од нивните родители, повозрасните заедно со своите веќе формирани семејства бараат подобри услови. Најчеста дестинација, се знае, западно европските земји каде се бара работна сила. А ние токму тоа имаме да го понудиме. Работна сила која ќе биде платена. Токму тие луѓе заминуваат и не ја штедат својата енергија и интелегенција за да работат за нешто за кое ќе бидат платени. Се отселија затоа што тука не им го вреднуваа трудот, за каков и да станува збор, физички или интелектуален труд.
Се знае се средуваат документи, заминува таткото на работа, испитува терен, сфаќа дека подобро ќе биде целото семејство да замине со него, ќе може да го обезбедува и плус ќе бидат заедно, средуваат документи сопругата и децата, таткото наоѓа стан, се поздравуваат со поширокото семјетсво, боли за родната грутка, но тоа е тоа… ќе се мачат тие, но децата еден ден кога ќе го завршат својот образовен процес ќе имаат можност да бираат работно место. Кога и да посакаат ќе може тука да се вратат. Да, нов јазик, нов менталитет, нови општествени норми… Нови соседи, кои за среќа може да се погодат балканци па заедно да си готвите и слушате Ју музика, пазарување со покажување прст додека не научите дел од јазикот, дома – работа, еднаш во неколку месеци средба со некои познаници, роднини и пријатели…Тоа е цената што ја плаќаат за да бидат достоинствено платени и третирани во општеството.
„Не е решение децата да ги гледам еднаш или два пати во годината.“ – вели еден татко на три малолетни деца. „Се повлековме сите во Германија, сопругата ќе седи дома ќе се грижи за децата, за нивната адаптација во градинка и училиште, јас ќе печалам.“ – раскажува тој. „Потоа се надевам дека и таа ќе се вработи тука. Се жртвувам најмногу за децата, затоа што во Македонија особено во помалите места системот на вредности е за никаде, нарушен е секој личен интегритет, секое човечко достоинство. Последнава деценија криминалци беа на чело на секој општествен сегмент.“
И има многу вакви примери.
Заминуваат, малите градови се пусти, училишните клупи остануваат празни. Академски граѓани одлучуваат да градат иднина, да подигаат семејство и да вложуват во просперитетот во странство, а претешко е сами, без најблиските, без роднините, пријателите од детството, соседите какви и да се, без она со што растеле, она што ги врзува за младоста, без она со кое созревале…
Сега таму се странци, граѓани од втор ред.
Како ден јасно е. Тука не нашле или нашле несоодветно платена работа, евдај. Познати сме по експлоатацијата на труд. Тоа е главно, а кога на тоа ќе се додаде врскаџиството, непотизмот, непрофесионалноста, нефункционалноста на институциите… Да за нешто сме сами виновни секој со своја недоследност, затоа што се во општеството започнува од поединецот, но удел имаат системот, политичката поделеност, криминалците, кодошите, оние кои ја доведоа државата до ова дно-дереџе, а сакаат да останат неказнети.
Уште ова – во последнава деценија си замина братучетка со титула магистер по политички науки, со семејството отиде и другарка со правен со положен правосуден испит, на комшивката сестра и со педагошки, повеќето без ни ден стаж, некои со оскудно работно искуство тука, сите отидоа на интензивен јазичен курс и за сите заедничко стана комуникација преку вибер и скајп со блиските оттука.
Ова треба да продолжи или како? Иднината зависи од секој поединец, исто како и општествениот систем кој неколку пати беше споменат во текстот. Секој еден треба да размисли, пресмета, да направи анализа во својата глава, и на крајот да одлучи! Од одлуката зависи дали континуитетот ќе се запази – иселување и празнење на нашата Македонија или сепак тука ќе се гради дом! Донесете одлука во име на (не) отселувањето во европските земји! И во чест на европската иднина тука крај родното огниште!