Што ти е „споделена“ историја: бугарското ВМРО-БНД тврди дека е наследник на историското ВМРО, а ВМРО-ДПМНЕ ги брои конгресите уште од првиот на револуционерната организација во 1893 година.
На фонот на оваа неразумна блокада во најава на европскиот пат на Македонија од страна на бугарската влада, понекогаш пред, а најчесто зад кулисите, се одвива и своевидна „битка“ меѓу двете ВМРО-а од обете страни на границата за докажување кој е поголем бранител на легендарната револуционерна организација. Во Македонија тоа е ВМРО-ДПМНЕ, а во Бугарија ВМРО-БНД. Двете партии се борат за „најсветото“ во нивните држави – македонското ВМРО за докажување на единствениот македонски карактер и национална припадност на револуционерните херои од крајот на 19. и почетокот на 20. век, а бугарското жестоко тврди дека тие биле само Бугари и ништо друго.
Оваа битка на двете партии е несекојдневен политички феномен. Двете партии се колнат во една иста работа – дека тие се наследници на историското ВМРО. Македонското ВМРО-ДПМНЕ ги брои нејзините конгреси почнувајќи од првиот во 1893 година. ВМРО-Бугарско национално движење на Красимир Каракачанов на почетокот на неговото постоење ја имаше додаваката „Сојуз на македонските друштва“, обидувајќи се себеси да си даде легитимитет дека е наследник на македонските емигрантски организации во Бугарија. Факт е дека во Бугарија, а најмногу во Софија, имаше голем број емигрантски здруженија на протераните или иселени Македонци од другите региони на географска Македонија. Факт е дека нивните архиви имаат извонреден број документи кои зборуваат за македонската револуционерна борба и факт е дека овие организации уживаа сериозна благосостојба и привилегиран статус во бугарското општество во најголем дел до указот на владата од 1934 година со кој го забрани ВМРО, бидејќи нејзиното делување и особено убиства почнаа да стануваат сериозен проблем за државата.
Кога Љупчо Георгиевски и неколкутемина околу него ја формираа ВМРО-ДПМНЕ во 1990 година, кога уште постоеше Југославија, тоа како да беше сигнал за невладината организација ВМРО-СМД од Софија дека е време да освои дел од бугарскиот политички простор залагајќи се за „решавање на македонското прашање“. Тој концепт на „решавање“ подразбираше дека треба да се штити „бугарската национална кауза во Македонија“ и борба против „денационализацијата и асимилацијата на бугарското население во Вардарска и Пиринска Македонија“, затоа што организација подразбираше дека Македонците во Пиринска Македонија не можат да бидат ништо друго освен Бугари. Ораганизацијата во 1999 година се трансформира во политичка партија, откако една година претходно ја смени додавката во БНД, а во 1997 година на нејзино чело дојде Каракачанов.
Целата колумна на Љупчо Поповски за Дојче веле на следниот ЛИНК.