Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Ерол Ризаов за Независен:
-Откако сум во оваа професија, цели 43 години, без оглед на општествено-политичкиот систем, дали бил еднопартиски, повеќепартиски, парламентарен, авторитарен или режим, едноумие или безумие, најголемите надежи за подобро утре секогаш бил со зборот слобода, нешто подоцна заменет со демократија, потоа следуваа зборовите правна држава, а сега хит е владеење на правото. Кажано најпросто, сè уште сонуваме со отворени очи и проповедаме со децении за земја на слободни и среќни луѓе, каде што законите важат еднакво за сите. Досега, да бидеме искрени, крајниот резултат не е нула, ама е утопија. Отсега натаму, пак нови надежи.
Или, со други зборови, и натаму упорно пишуваме една те иста приказна со иста порака: тие што ги почитуваат законите да не стравуваат од ништо, да мислат, зборуваат и пишуваат слободно, а тие што ги кршат законите, кога ќе бидат откриени, ќе се соочат со правдата и ќе нема недопирливи. Оваа болка од жалниот учинок на нашата работа ја имаа и постарите колеги кои веруваа во моќта на пишаниот збор и притисокот на јавноста за поголема правда, или како тогаш се викало, бараа да се почитува волјата на народот. На заминување ме подучуваа – штом слушнеш некој надежен политичар да се повикува на народот веднаш да знаеш дека лаже. Денес истото го кажувам на помладите колеги кога ќе слушнат дека некој им ветува на граѓаните, ако биде избран, дека ќе воведе владеење на правото, веднаш да знаат дека лаже. Не затоа што не е искрен во своите намери, иако повеќето свесно лажат толку уверливо што по извесно време и самите веруваат во сопствените лаги. Велам да не веруваат, затоа што владеење на правото станува невозможно, дури и сега кога многумина бевме убедени дека работите тргнаа во правилна насока и се создадоа изгледни шанси навистина да завладее правото и да профункционира парламентарната демократија, како што налага науката и искуствата на западниот свет. Велат, не е идеално, ама не е измислен подобар модел.
Целата колумна на „Независен“ на следниот ЛИНК.