-Мислам дека нема граѓанин на Македонија во изминатите 25 години кој барем еднаш не посакал да им се заблагодариме на ЕУ и на НАТО, на Америка… и на сите наши мили и добри комшии, особено на Грција, за „грижата“ што ја искажуваат за нашата иднина и за помошта што ни ја даваат. Јас тоа сум го посакал најмалку сто пати. Да им кажеме онака по нашки, со курназ насмевка и со здрав цинизам, дека не сакаме ништо да менуваме што е наше ниту, пак, сакаме нешто што е нивно. Да им речеме јасно и гласно – гледајте си ги вие вашите маки и проблеми, оставете нѐ нас на мира, ние ќе си ги гледаме нашите гајлиња. Кога ќе ви требаме, или кога ќе посакате да бидеме во вашиот клуб рамноправни сојузници и партнери, поканете нѐ учтиво како што е редот по бон-тон. Го знаете нашето име и презиме, ја знаете адресата, јавете се, а ние ќе измериме дали ќе ви се приклучиме и за тоа навремено ќе ве известиме.
Е, каков мелем на душата би било ова, која гордост и достоинство би бликнале низ градовите на Македонија. Тоа би било големо „ноу“, „нон“, „њет“… поголемо „не“ од она што Тито му го кажа на Сталин 1948 година. На Грција нема да ѝ речеме „не“, оти тоа кај нив значи „да“. Можеби и поради тоа никако да се разбереме со векови што е „да“, а што „не“.
Да, кажано на македонски, оваа кратка радост да се рече „не“, пред сѐ е поради неправдата, протекционизмот, себичноста, ароганцијата, непочитување на меѓународното право и цивилизациските вредности на самоопределување, сето тоа од позиција на сила и вечните интереси на големите. Веднаш по овој сон со отворени очи, кој кај здраворазумските луѓе обично трае неколку минути, настапува соочување со реалноста и со политиката и со односите на силите. Тогаш работите стануваат многу поделикатни и не можете да блефирате дека сте нуклеарна велесила, или дека имате големи природни богатства, или дека имате пристојна, независна, добро стокмена демократска и успешна држава, каде народот живее добро, каде граѓаните се задоволни и среќни.
Целата колумна на „Независен“ на следниот ЛИНК.