Валандовска афера, вторпат

Од еден ФБ-пријател добив идеја да ве потсетам на еден не толку познат историски настан. Станува збор за Валандовската афера од декември 1899 година, една од поголемите провали со кои се соочила Македонската револуционерна организација кон крајот на 19 век. Википедија, на која не мора секогаш да ѝ се верува, нели, пишува дека во текот на аферата настрадала организациската мрежа во Гевгелиско, Тиквешијата, Дојранско и Ениџевардарско, при што биле мачени и уапсени околу 100 души.

Во Мемоарот на Организацијата не се дадени причините за почетокот на аферата, а во него се вели дека таа била предизвикана од еден предавник од село Балинци. Ангел Динев навлегол подлабоко во откривањето на причините за разврзувањето на Валандовската афера и, според него, таа произлегла од самоволието на Иван Карасулијата.

Имено, на 7 декември 1899 година, тој Иван Карасулијата, со својата чета влегол во Валандово, со цел да зграби богат гркоман, но притоа четата била откриена и дошло до неколкучасовна престрелка со жандармеријата, во која загинале двајца заптии, а четата успеала да се повлече без загуби.

Истрагата за овој инцидент ја презел солунскиот полициски иследник Ќазим-бег. Додека Ќазим-бег започнал со измачувањата, војската го блокирала Валандово. Почнале големи репресалии, поради кои населението почнало да испраќа жалби до странските дипломати во Солун. Под влијание на дипломатите, турските власти започнале постепено да ги ослободуваат уапсените, а од Солун дошла специјална комисија, која требало да ги испита злосторствата. Така дошло до смирување на апсењата и тепањата.

Е сега, приказнава е како создадена за Хорхе. Кој, патем речено, потекнува од Валандово. Да го имам талентот на Хорхе Валандовски за откритија на историски бекграунди, би рекол дека сегашнава Валандовска афера во ВМРО-ДПМНЕ не е случајна и дека потекнува од старата афера. Во „предавникот од Балинци“ би препознал некој од потписниците на писмото за одлагање на конгресот. Самоволниот Иван Карасулијата е пљукнат Никола Груевски, на пример. На чело со Сашо Мијалков. Богатиот гркоман знаете кој е, го слушнавме во бомбите. Тој на „М“. Ќазим-бег ми личи на Бејли-бег. И така…

Шега на страна, едно е јасно и како историска константа ги поврзува двете Валандовски афери – за парите станува збор. Ајдучка работа. Штета. Инаку, сакам сериозно да го повторам она што го кажав на 24 Вести: ВМРО-ДПМНЕ има кадровски потенцијал да избере лидер кој партијата ќе ја извлече од авантуризмот и од политиките на Груевски што ја одведоа во изолационизам и во опозиција. Ако конгресот помине во демократска атмосфера, којзнае, можеби и тоа ќе се случи.

Бранко Геровски за Плус инфо

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e