Не ми е јасно што би можело уште да се напише или каже по повод новите билатерални барања од страна на Бугарија за одобрување на почетокот на нашите преговори за влез во ЕУ, а да се остане во рамките на пристојноста и да не се додаде масло на огнот од нервоза, провокации и навреди кои се закануваат да ги заплиснат односите меѓу двете земји не само во овој момент, важен и за нас и за нив, туку и за во годините што доаѓаат… Бидејќи, ако атмосферата во јавноста на двете земји стане „отровна“, какво било посредничко германско „маѓепство“ нема да може да ја помести работата во конструктивна насока.
За нас последиците од бугарската блокада се јасни: ќе мора на долг период да се откажеме од европската иднина, што ќе предизвика политички ефекти од кои само националистите и шовинистите овдека ќе трлаат раце. Тоа, само по себе, е катастрофа со непредвидливи размери кои нема да останат во моно-етнички рамки, а ниту само во оваа држава.
И за нив последиците од бугарската блокада не се помалку непријатни, иако контекстот е сосема поинаков: Бугарија е осамена пред своите европски партнери со своите (еве, бирам зборови:) необични ставови за евро-условите кон Македонија, што неа ја претвора во главен кочничар на европското проширување кон Балканот. Реално, Бугарија и така не е омилениот претставник на нашиот регион на Стариот континент, а оваа најнова меѓународна бламажа ќе наруши и некои едвај стекнати и тешко одржувани репутациски позиции на Софија во поглед на своето членство во ЕУ. А и пошироко. (Мислам на САД, со изгледниот нов претседател Бајден таму…)
Несомнено, има работи од Договорот за пријателство меѓу двете земји, потпишан во добра атмосфера и со добра волја на македонското и бугарското „правителство“ во август 2017 година, што можат да се подобрат, да се интензивираат, да се дообјаснат или „испеглаат“. Да се потсетиме, тогашната заедничка изјава на Заев и Борисов гласеше дека Договорот „претставува силна порака до Европската Унија и до НАТО дека земјите од Балканот градат мост на соработка со цел перспективна иднина за своите граѓани“… Како таков, тој Договор беше поздравен од сите релевантни меѓународни претставници како пример за подобрување на соседските односи на Балканот.
Целата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа на следниов ЛИНК.