Ултимативниот тон и циничниот аргумент на Ахмети ги подгрева националистичките страсти во земјата, поттикнува на етничка мобилизација на другата страна за обединувања
Откако амбасадорката на САД во нашта земја, Кејт Брнз му го честита добиениот мандат на Зоран Заев за состав на влада, се чини дека Али Ахмети ќе олабави со политиката која се сведуваше на ултиматумот „Или Албанец премиер сега, или нови избори, се додека не се случи тоа“.
Тој веќе изјави дека ако некој му објаснел „зошто да не Албанец за премиер сега и веднаш, тој сериозно ќе го земел предвид тоа при продолжување на разговорите за состав на нова влада“.
Па, еве, неколку аргументи од мене што ми се чинат релевантни.
Прво: Никој во Македонија не спори дека секој граѓанин со избирачко право од која било националност еден ден може да се кандидира и да биде претседател на владата, независно од неговата етничка или религиозна определба.
ДУИ таквата легална и уставна можност ја претвори во „изборно ветување“ со паролата „Албанец за премиер“ кое значеше: ако добиеме можност од нас да зависи формирање на влада, ќе се бориме за претседател на таа влада да биде Албанецот Насер Зибери. Со тоа ветување, кое беше ставено во обландата за целосна рамноправноста на Албанците, односно „за уривање на последниот монопол на Македонците на позицијата претседател на владата“, ДУИ успеа да освои доволно пратенички места за да може да преговара за состав на нова влада.
Распоредот на силите во Собранието ДУИ го доведе и во привилегирана позиција да каже дека ако не биде прифатено нивното барање за Насер Зибери да биде претседател на владата, тогаш е можно никој да не состави влада и да се оди на нови избори.
Кога веќе барањето станува еден вид ултиматум кон сите други партии, тогаш тоа реално се доживува како уцена зад која се крие пораката од страна на партија со само 15 пратеници која гласи: „Не сакаме влада предводена од Заев, Мицкоски, некој друг Македонец, Турчин, Србин, Влав Ром или Евреин, туку само влада со Албанец премиер и тоа сега и веднаш. И тоа од хумани причини. Бидејќи само тоа ќе донесе поголема стабилност, рамноправност и ослободување на Македонците од нивните етнички фрустрации“.
И токму тој ултимативен тон и циничен аргумент ги подгрева националистичките страсти во земјата, поттикнува на етничка мобилизација на другата страна за обединувања за да им се стави крај на уцените и наспроти тврдењето на Ахмети дека ДУИ е фактор на стабилност во земјава сериозно ја доведува во прашање токму стабилноста.
Целата колумна на Ѓорѓи Спасов за Независен на следниов ЛИНК.