Тунева: Време во кое нашето его го ставивме во мирување

Сега, кога ја ‘слушаме’ тишината, ни станува многу појасно во колку бучен свет сме живееле. Толку сме (биле) зафатени со редовниот притисок и обврски во нашите животи што сме заборавиле да ѝ го дадеме вистинското значење на тишината.

Една, сосема неочекувана, криза нѐ натера да (под)размислиме за навраќање кон нашата поврзаност и „другарување“ со тишината. Време во кое нашето его го ставивме во мирување и време во кое полека почнуваме на вистинскиот свет да гледаме како што (можеби) треба, преиспитувајќи ги своите вредности, тенденции, ограничувања, потреби, цели.

Живеејќи го животот во едно, сосема поинакво, светло, приспособувајќи се на еден мал простор, подразборавајќи на секојдневната динамика, можеби ќе се потсетиме дека сме подотвориле простор за нашиот, индивидуален, развој. Многу нешта се сменија. А можеби и се навраќаме, назад, кон сржта на нашите битија. И во тоа навраќање, можеби, ќе ја разбереме и улогата на пристојноста во нашите битки, какви и да се тие.

Затоа што, како што вели Албер Ками, единствениот начин да се победи „чумата“ е пристојноста, а тоа, пак, е единствениот начин да се искупи не само поединецот, туку и човештвото. Вирусот бара да биде победен. Без попуштање, колку и да нѐ чини тоа. Вистинската великодушност кон иднината лежи во тоа што го вложуваме во сегашноста.
ФБ статус на Марина Тунева

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e