Дијагнозата наречена „тапа џонсон“ искажана од премиерот Заев само пред неколку дена не се разликува којзнае колку од мојата наречена Jurassic Park. Тука некаде се, иако премиерот не ја употреби неговата во кумулативна смисла, за целото општество, туку само за еден нејзин сегмент наречен Антикорупциска комисија. Во мојот македонски „Парк Јура“ таа комисија односно нејзините членови се на рамништето на најниското скалило во исхраната на средината, нешто како глувци, или стаорци, кои што јадат се’ и сешто, главно отпадоци. И биваат изедени од предаторот наречен – политика. Овие нашиве некако преживеале, премиерот ги гледа дури благонаклоно, ги остава да одживеат уште некој месец односно ги препушта на предаторот време.
Но не е само таа разлика, се разбира. Исказот на премиерот од пред некој ден, кога беше спомната „дијагнозата“, сепак беше оптимистички, надежен, дури зачудувачки смирен и добронамерен. Моите дијагнози не се такви. Во мојов / нашиов „Парк“ односно во нашата нова стварност (главно прострена на културата) нема место за таков оптимизам. Или – ајде да бидам малку добронамерен пред истекот на годината – има сосема малку. Оптимизам, нели. Тој се темели на неколку нешта: на волјата за квалитативни промени, на знаењата / можностите за истите и на довербата на еден добар дел од македонската култура вложена во новата стварност. Да, постојат уште извесни сомнежи – па и кај мене, ако сакате – ама генерално како да струи некој беневолентен дух, некаква нова верба во конечното ослободување на креативните потенцијали. Иако бројни се „тапа џонсон“ поединците и групациите (и) во културата, залегнати или заседнати врз нејзиниот грб во очекување на првите погрешни потези. Гласна е вревата на бившите агитатори и послушници. Па дури и на оние, и онакви, од заштитата на културното наследство, чиј што директен производ е и „Скопје 2014“, покрај останатото. Е сега тие ќе биле кооперативни, дури партнери. Ма ајде, ти се молам.
Но, слободата е нешто што се учи. Зашто, македонската култура де факто никогаш не била слободна во западнодемократската смисла на поимот. Се разбира, ние тоа го оправдува(в)ме со историското наследство (до 1945), со идеолошките стеги (до 1952, плус некоја), ама после тоа не може(в)ме да најдеме соодветно оправдување за случувањата во и околу неа. Како и да е’, периодот од седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век сепак произведе култура ослободена од многу идеолошко политички стеги, иако тоа не ја подразбираше и целосната, очекуваната слобода во вистинската смисла на зборот. Идеолошкото, но и секое друго заложништво се’ уште беше присутно, Партијата не така лесно ги тргаше рацете од културата, а богами и политкомесарите беа прилично агилни. (Кога сега би цитирал некои „искази“ на наши денес „видни“ академици и нови „демократи“, младиве би останале запрепастени!). Сепак, крајот како да беше видлив. Деведесеттите и новата демократизација на општеството ветуваа подобри перспективи. Се’ до криминализациите во 1998-2002 година, а потоа и од 2006 година наваму, кога се случуваше процесот на целосно киднапирање односно заробување на културата. И тој процес траеше малтене до вчера, а во некои сегменти трае и денес. И ќе трае. Она „инцидентно“ откажување на претставата во МНТ беше (само уште еден) доказ за тоа! И тоа важен, безмалу парадигматичен за актуелните состојби, па и за нивното натамошно ексалирање, ако сакате.
Но, повторно, добронамерноста и оптимизмот наложуваат преку некои нешта да се премине зашто ова време е време на нов предизвик за македонската култура. И на дефинитивно ослободување. Време кое што мора добро да се (по)троши умно, рационално, разумно, реформски. И никако теснопартиски, уште помалку волунтаристички, популистички, „добронамерно“. Зашто поправен ќе нема, а од „добри“ намери стигнавме до пеколот. Трошките оптимизам се трошат многу бргу, а она малку неизвалкано што остана од македонската култура се троши најбрзо. Поточно, се троши нивниот ентузијазам, верба, доверба. А тоа се нешта што најтешко се враќаат. Ако еднаш се раслои и тоа ткиво, ако ветените реформи не ги дадат и посакуваните резултати, клекнатата македонска култура дефинитивно ќе падне.
Златко Теодосиевски