Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Горан Михајловски за СДК:
– Да. Европа е блудница Вавилонска и секогаш си ги гледа личните интереси. Да. Не сум среќен со условениот, или како и да го викате, датум за отпочнување преговори со ЕУ. Да. Не сум среќен ни со Северна Македонија. Да. Фрустрирачко и навредливо е кога ќе ти кажат дека ако сакаш да те дружат и да имаш подобар живот ќе мора да смениш и име на државата. Да. И инает ме фаќа. Спорот кој го имавме со Грција е далеку од памет уште од самиот почеток. И ФИРОМ е идотска измислица со која станавме членка на ОН…
И сето тоа изгледа така, кога на проблемот што сакаш да го решиш му пристапуваш само со емоции, а не со разум.
Сега за условениот датум за преговори му се лутиме на францускиот претседател Макрон. Ѝ се лутиме на Холандија, која од осамостојувањето до денеска е најголем поединечен донатор на Македонија. Ѝ се лутиме на Данска. А паметам дека данскиот министер за надворешни работи Уфе Елеман Јенсен во 1993 година се скара со Грција за Македонија, до толку што Грците бојкотираа дански производи. А ние тука сакавме име на улица да му дадеме.
Така лутејќи им се, да не испадне на крај според онаа народната: „Се налути на селото, си го исече таквото“.
Сме се ставиле во потчинета положба во однос на Грција. Демек до сега бевме рамноправни? Тие во ЕУ и НАТО, ние надвор. Па, лично познавам многумина од тие кои што сега се многу емотивни кон Северна Македонија и условениот датум, а за да им вратат 5 евра „такс фри“ сами си пишуваа ФИРОМ на Евзони. И сами си ги лепат лепенките ПГДМ на задната шофершајбна.
Да. Не е фер. Животот не е фер. Ама фер ли е уште да не знаеме кој нареди да се нападне Собранието на 27 април лани? Фер ли е криминалците што ги слушавме во бомбите и што ја заробија државата уште да не се осудени? Фер ли е уште да не се знае кој го нарачал прислушувањето? Фер ли е државната администрација и понатаму да биде расадник на партиски клиенти? Фер ли е Ѓорге Иванов да не сноси никаква одговорност за аболициите и за неговата улога во организираниот напад на Собранието?
Тоа се условите кои мора да се исполнат за во јуни 2019 година Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ. Наброени по точки во водич:
- Судски реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди за случаите за корупција и организиран криминал, вклучувајќи ги и тие на високо ниво
- Реформи во разузнавачките и безбедносните служби
- Реформи во јавната администрација
- Плус Советот на ЕУ бара и расчистување на незаконските дела откриени преку прислушуваните разговори, а мора да биде утврдена и одговорноста за нападот во Собранието на 27 април лани.
Што се овие услови поразлични од тоа што ние како граѓани го сакаме?
Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.