Спасување на децата од пештерата на вмро!

Што би правел Господ со Македонецот кој не страда во своето македонство.
Ништо!
Би морал да го затвори дуќанот во молот на Емпецето.
А што прави Македонецот во такави ситуации!?
Произведува несреќи.

Уште повеќе, себе си се произведува во несреќа.
Не за да го умилостиви Бога, туку за да си го создаде.
Од својата несреќа.
Да ја претвори трагедијата во задоволство.
И задоволството во трагедија.
Господ, Македонецот и Несреќата се едно.
Свето тројство.
Јас ги знам сите таленти на Македонците, но страста со која се убедуваат себе си дека не добиле покана за НАТО и датум за преговори со ЕУ, надминува се што на планот на плачипичеството и лигавиот национален патос, имаат пројавено во целата своја неколкудецениска национална историја.
Србите имаат неверојатна способност од своите порази да прават победнички митови, а Македонците, од своите ретки, што поретки не можат да бидат, победи, да произведуваат порази.
Или победи кои не се тоа.
И не заслужуваат ниту една свирка.
Хахаха!
Дајте, велат, засукајте ги ракавите, не е време за прослави!
Па добро, јеботе бог, откаде сега таа љубов кон работата!?
Никој во оваа парола не мисли самиот да ги засука ракавите, туку владата да ги засука, љубовта е кон туѓата работа. На прославата и се вика-не, затоа што се можело да се изјалови. Па добро, ако се изјалови се, тогаш ќе ни останат барем песните и пивото. Освен тоа, прославата не е само прослава на редица дипломатски и меѓународни успеси какви што не се забележани во историјата на оваа држава, туку ќе има и работна функција да го олабави нашиот човек од хистеријата во која е турнат од непријателските сили со место на престој во Македонија и да го култивира, да го донесат на нивото да биде деловно способен да донесе вистинско решение за себе, за своето семејство, за својата заедница и за својата земја. Се разбира, тоа не може да се постигне само со песни и игри низ Македонија, но јас мислам дека грижата што стои зад паролата “засукајте ги ракавите” е грижа за губитокот на долго негуваната држава на поразот и на стравот, на несреќата што доаѓа од надвор и уште повеќе, од внатрешниот предавник, на несреќата како животен контекс надвор од кој Македонецот ќе стане неконтролируем, што би рекле Бугарите, со реални шанси да ги отера у пизду материну сите солзотвирни и христијански заштитници на неговите, демек, национални интереси, дека ќе дојде во позиција да им го растури акционерското друштво за пљачка, во што тие и нивните партиски испостави ја претворија државата. Таа држава и според името и според внатрешното институционално и правно устројство и според културната матрица, нема повеќе никогаш да живее тука. Се рабира, јас не исклучувам и искрени загрижености и добри намери кај некои пријатели кои се против прославите, но, тоа не ги ослободува од одговорноста за капацитирање на силите на мракот.
Така што:
Ало, Дуке, Златко, Бени ние имаме причини за радост, имате и вие, ако дојдат мрчаторите- добро, ако не-кој ги ебе, удрете мајстори нека пее Македонија!
Ние нема да дозволиме да бидеме Хрвати кои овие од вмро ги убедиле дека на Светското првенство во Русија доживеале фијаско!
Хахаха!
Да сме ги дале парите во хуманитарни цели. Тоа е универзалната поза на малограѓанинот секогаш кога во недостиг на други елементи ќе посака да биде супериорен и морално вертикален на јавната сцена. Позата е поза, односно е лажна, прво затоа што ниту една заедница не може животот да го сведе на несреќата на своите луѓе, второ затоа што повикот за хуманитаност постојано е повик за хуманитаност на некој друг или на некое општо ниво и трето затоа што сите врескаат кога општетсвото треба да се реформира за да стане рационално односно не ги троши парите кои би можеле да се трошат за солидарност и хуманитарни цели, да се отпуштат од работа педесет илјади мрчатори, да речеме, чија функција во државата е секој месец да ги трошат парите за лечење на болните деца или за нега на старите лица или за помош на самохраните мајки итн. Не сум слушнал за таков хуманитарен апел. Освен тоа, идејата за НАТО и референдумот на кој таа идеја и идејата за ЕУ треба да помине, ја има во својата суштина хуманитраната смисла, така што овие музички перфирманси што ќе се прават имаат поголем хуманитарен набој од сите срцепарателства по социјалните мрежи.
Идејата е да се произведе помрачување кое ќе го спаси Македонецот од светлите бриселски зраци. Прв пат во историјата на Македонија, нејзините први луѓе во позитивен контекст беа во друштво на европската и светска политичка аристократија. На иста маса, во иста сала, со протоколи кои се израз и на европската рутина, но и израз на чест кон нашите луѓе и кон нашата држава, кон тоа што го сработиле, кон тоа што победиле во квалификациите за Европа, за НАТО и за ЕУ. Отвориле влез во нова димензија за Македонија, во која нема повеќе да постоиме низ нерешеноста на македонското прашање, туку низ прашањето како модерен фактор во светската компетиција, според светските стандарди кои се истовремено и гаранции.Ние имаме повеќе право да експлодираме од радост отколку Хрватите по победата над Англија. Дали се разбираме. Но, не, ние имаме кретени кои излегуваат пред камерите и велат дека Македонија доживеала фијаско, дека поканата не била покана туку шамар, дека ќе марширале во Кавадарци за да сме влегле побргу во НАТО, дека ќе се бара оставка од Димитров и од Заев.
Како се вика таа болест?
Јас ќе ви кажам: вмровизам се вика, а тоа што го гледате и слушате како трагична културна, политичка и морална кондиционираност на добар дел од општеството, е врвна и најтешка последица на вмровизмот. Таа последица се вика кретенизам. Просто, излегуваш сабајле на работа, го сретнуваш комшијата на скалите и гледаш дека во текот на ноќта човекот се претвотил во кретен. Вика, комши, добро утро, изгледа дека овие од нато ни го начукаа, уште името и идентитетот ни останаа.
Да сме го бранеле идентитетот на ваков начин за време на електрификацијата, Македонецот и денеска би читал на свеќи и на газиена ламба, односно воопшто не би читал, зашто и појавата на книгата би ја сметал за загрозување на идентитетот, не би употребувал паста за заби и презервативи, не би користел зејтин од маслинки и нивеа креми, да, да, да, идентитетите, државите и нациите се жива работа, ентитети кои се развиваат, нешто оставаат зад себе, нешто ново освојуваат и усвојуваат, тие не се музејски експонати покрај кои деноноќно стражари Солзана. Да биле истите бранители фактори пред седумдесет години, Македонија не би се формирала како држава со исто образложение дека државата ќе го загрози идентитетот. Во тој светоглед, што би рекол Гомбрович, не се проблем Македонците и Македонија, туку македонството, како затворена, закоравена и во суштина самоубиствена форма низ која Македонецот се реализира.
Шизофреност е болест која кај вмронот се изразува низ борбата меѓу радоста од пропаста на нато и фијаското на заев и на Македонија пред влезот во Северноатлантската алијанса!
Транзицијата, пак, беше мачен процес на бавно убивање на смислата на заедничкиот живот во Македонија. Односно на Македонија. Фасцинантните потези и резултати што ги остварија Заев и неговата екипа на меѓународен план се операција на спасување од сигурната смрт на нацијата и на државата низ неверојатно сложени тешки и ризични постапки кои во животот имаат паралели само со спасувањето на децата од тајландската пештера.
Но, да не се заебаваме и надмудруваме: гласот против Договорот со Грција и против безмалку нестварните меѓународни успеси, е глас да се вратиме во пештерата на вмро, тоа нема да биде политичко изјаснување за алтернативи, затоа што алтернативи нема. Партиските конфликти, личните незадоволства, смената на власта итн. се друга тема и друга димензија.

Колумна на Бранко Тричковски во “Слободен печат”

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e