Ви пренесуваме дел од колумната на Ерол Ризаов за „Независен“:
-Веднаш по големата победа на парламентарните избори 2006 година, Никола Груевски, сè уште неименуван за премиер, го раскажа пред македонската јавност неговиот сон. Тој негов говор во Трново одамна е избледнет и заборавен бидејќи неговата визија за Македонија брзо исчезна, како и неговиот сон.
Тогаш речиси голобрадото момче настапи безмалку како Мартин Лутер Кинг. Рече, јас имам сон кој мора да го остварам и на јаве. „Мојот сон нема да биде исполнет додека не излеземе од оваа длабока економска криза во која живеат граѓаните на Македонија. Мојот сон нема да биде остварен додека нашата држава не влезе во семејството на европските народи, во Европа без граници, каде што ќе ја оствариме нашата цел да имаме обединета Македонија во рамките на ЕУ. Нашиот сон нема да биде остварен додека не ја видиме Македонија како членка на НАТО“. Мандатарот на новата влада, Груевски, го кажа ова на Илинден 2006 година на своето прво обраќање како иден премиер на 35. иселеничка средба во село Трново.
Зошто Груевски толку бргу се откажа од својот сон и зошто тргна во обратна насока, каде ги направи стратегиските грешки, малку е веројатно дека ќе ја каже вистината во своите сеќавања кои ќе има добра прилика да ги напише во наредните две години. Велам малку е веројатно, затоа што тој тешко ќе си признае себеси, без да пишува мемоари, дека направил ужасни грешки и злодела. Тој е убеден дека изиграл месијанска улога во спасувањето на Македонија и дека е жртва на прогон и на заговор на големите сили и домашни предавници. Ако го препрочита својот говор од Трново, ако самиот го пишувал, ќе ја најде и најголемата грешка во неговиот поход за остварување на сонот. Тој таму го кажа и следното, кога го повика народот: „Да го оствариме сонот на илинденците и нашата борба да продолжи сè додека целиот свет не ја признае Македонија под нејзиното уставно име Република Македонија“. Тоа за говор на еден тазе неименуван премиер на Илинден е податливо, но како опсесија цели 11 години, како да е премиер на светска велесила, е само неостварлив сон.
Целата колумна на следниот ЛИНК.