Софиски приказни

Ви пренесуваме дел од колумната на Љупчо Поповски за Дојче Веле.

-Имаше одредена драматика во ноќните разговори на Заев и Ципрас за името. Тие веќе го трасираа патот за едно необично пријателство меѓу двете земји,кое,парадоксално,повеќе се темели на неразбирање на потребите на другиот.
Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia (DW/B. Georgievski )
Целоноќната сеанса на Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија и потрагата по загубеното решение за името имаше одредена драматика како онаа легендарна шатл дипломатија на Ричард Холбрук од септември 1995 година, кога прво во Атина, а потоа во Скопје го пронајде решението за укинување на грчкото ембарго и го отвори патот за Привремената спогодба. Во Софија немаше посредник со таков дипломатски габарит, а двајцата премиери на средбите се однесуваат повеќе како пријатели отколку како некои ривали, па сепак имаше некакво крешчендо во настанот кој внимателно го следеше целата европска камарила, а и балканските соседи.

Во самиот настан имаше нешто несвојствено за балканските политичари. Прво, насмеаните лица на двајцата премиери, кои треба да го симнат тешкото наследство од грбот на нивните општества; второ, дека тоа беше поставување на важниот темел на едно необично пријателство на двете држави, кои се уште се во една ирационална „војна“; и трето, дека лидерите на две балкански земји можат да разговараат за пронаоѓање решение, кое изгледа неможно, без моќни посредници. Само овие три факти се доволни на софиската сеанса да и се даде атрибутот историска. Кога германската канцеларка, Ангела Меркел, во својата официјална изјава по самитот на ЕУ и Западен Балкан, посебно ќе нагласи дека „се радуваме што слушаме дека добро напредуваат разговорите меѓу Македонија и Грција“ на работите треба да им се даде вистинскиот контекст. А во основа тој значи дека решението на овој спор може да ја забрза европската агенда на целиот регион.

Македонската јавност, во некоја рака зачудувачки, резултатот од софиските настани го дочека мирно, како да е сосема зрело општество, а не истоштено од сиромаштијата, авторитаризмот, популизмот, небиднината. Тоа, се чини му ја даде шансата на Зоран Заев да се обиде да го направи она што никој пред него не се обиде сериозно да го направи, но општеството тивко ја подготвува својата пресуда за да го оцени овој напор како визионерски или предавнички. Тоа веројатно е резултат и на фактот што никогаш досега не беше спомената „Илинденска Македонија“. Забележливо е што и Атина и Скопје станаа речиси херметички затворени последниов месец околу преговорите – немаше протекување на детали од предлозите што се разгледуваат и сите пропратни елементи со нив. На средбите со медијаторот Метју Нимиц двајцата шефови на дипломатиите, Никос Коѕијас и Никола Димитров, молчеа како залиени. Единствениот што даваше изјави беше Нимиц и тие беа толку многу лаконски како никогаш досега. Но за да ја нагласи деликатноста на моментот Нимиц во тие две-три лаконски реченици по последната средба нагласи дека имало сериозни разговори, кои на моменти биле и тензични.

Целата колумна прочитајте ја ТУКА.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e