Снегот и ајварот

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

-Цел свет дојде да нѐ моли: Дојдете со нас, ајде да ве земеме и вие да бидете дел од светот. Што уште сакате? Пари ви фалат? Еве, и пари ќе ви дадеме. Само излезете и гласајте на референдумот за промената на името во Северна Македонија. Само тоа ќе ви овозможи побезбедна и побогата иднина во ЕУ и НАТО. Заедно со развиениот свет.

Македонскиот народ е пред најголемата историска одлука по прогласувањето на независноста на 8 септември 1991 година. Но, многумина решиле да се откажат од учество во историјата. Некои гледајќи телевизија и навивајќи да нема излезност. А други лупејќи пиперки за ајвар, оти ионака „веќе сѐ е решено и ништо не зависи од нас“. Типично македонски.

Македонските партизани во Втората светска војна биле на страната на прогресивниот свет и за прв пат во историјата успеале да се изборат за македонска држава. И ај, на 29 ноември 1943 македонската делегација не стигнала на заседанието на АВНОЈ во Јајце, оти врнело снег. Ама на 30 септември 2018 година што ќе нѐ спречи да излеземе за да си ја зацврстиме државноста што ни ја обезбедиле предците? Во 1943 година, снегот бил проблем. Сега – ајварот. И евентуално грчките плажи – ако се погоди времето за бањање.

И еве, да речеме дека референдумот на толку напор што е вложен од сите страни, од Америка, од Германија, од Велика Британија, од сите земји на ЕУ, па дури и од Грција, а богами и од Русија – ќе помине. И вгодина со себап, ќе почнеме преговори за ЕУ. Па, кај и да ѐ, за едно година и пол и во НАТО ќе влеземе. Ама, што по референдумот?

Си кажа премиерот Зоран Заев пред неколку дена, на средба со бизнисмените. Камшик. Како рече?: „Ќе треба ние политичарите да се потсредиме, да се построиме, ЕУ и НАТО значат камшикар, кој пополека ќе нѐ среди по европски правила, да си влеземе во кал’пчето…“

Значи, ние сега со референдумот си купуваме камшик. Оти премиерот не смее да камшикува. Оти изгледа дека во овие драмтични моменти покомотно му е да гази по патеките што му ги истапка ВМРО-ДПМНЕ. Фирмички регистрирани од пред два дена, братучетчиња, комшичиња од Струмица, донатори за партијата на кои треба да им се врати… Плус, едно чудо луѓе на кои им дал доверба, ама како од времето на СДСМ што си го знаеме. Ем мрзеливи, ем импровизатори, ем мајстори за сплеткарење. Секогаш со оправдание за нивната неработа или неуспех. Овој пат – само референдумот да помине.

Е па, ај нека помине. Само што, прашањето не ми е дали по 30 септември Заев ќе го фати камшикот в раце. Туку дали и за него треба камшик.

Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e