Без каква и да е’ намера да прејудицирам можни препораки / решенија за „најпатриотскиот“ музеј кај нас со најдолого име во светот, ама јавноста има право да знае барем некои „хумористични“ – се разбира, не се хумористични во вистинската смисла на зборот, повеќе се трагични – детали токму околу стручноста и начинот на работа на онаа штабска комисија за испишување на новата историја на македонскиот народ, овојпат во музејска варијанта. Иако за сите (или барем за повеќето) кои барем еднаш влегле во таа „приказна“, единствено јасно е дека таа македонска историја е повеќе пештерска (што ќе рече темна и задушлива), грозоморна (што ќе рече хорорна), опскурна (што ќе рече тотално нејасна, како исчепкана од некои / нечии дубиозни фантазии) итн. Иако, за таа и таква „историја“, биле потрошени многу вреќи пари, меѓу кои и за т.н. стручна комисија.
И бидејќи на разноразни „колумнисти“ од мојот тип, како и на активисти и симпатизери на власта (како што беа наречени останатите членови на работната група, иако сите со докторски и магистерски звања!) не им се верува веќе во старт, еве како работата на поставката на тој „музеј“ ја видел Анатолиј Гајдамака, украински уметник, на почетокот официјален надворешен соработник на пуфлата и нејзина врска со сите идни соработници за восочните фигури и сликите вклучени во поставката на овој „музеј“. Пустиот Гајдамака, дури откако видел со кого си имал работа, и со што, се осмелил да изнесе детали околу целата авантура, нарекувајќи не’ „вонземска цивилизација“ заради начинот на кој што ја терале целата (хаотична) постапка, укажувајќи дека концептот на поставката е надминат уште во 40тите години на минатиот век, дека зградата е тотално несоодветна за музеј од тип итн. Се разбира, укажувањата на човекот не биле по ќеф на власта, па го шутнале од позицијата! А Гајдамака кажувал многу вистини. Меѓу другото и дека „Јас мислам дека борбата на македонскиот народ треба да се прикаже преку документи наместо преку слики кои ќе бидат нацртани од уметници во Киев или Москва. Како може странец да навлезе во оваа македонска борба и да прикаже еден човек кој пресекува друг или некој човек кој пали нешто? (…) Тоа е размислување од минатиот век!“.
Златко Теодосиевски