СЈО, СЈО, та преку ДКСК!

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Ордановски за ЦивилМедиа:

ивката меѓупартиска, рововска борба што се води околу законското редифинирање на Државната комисија за борба против корупцијата, за сега, само резултира со бесконечно одлагање на формирањето на новата ДКСК.

Од една страна, позитивен е напорот, во еден закон, да се „мерџираат“ досегашните два закони – оној за превенција на корупцијата и другиот за превенција на конфликтот на интереси – но упорно се настојува политиката да има свое влијание врз изборот на членовите на ова важно антикорупциско тело, па се ставаат секакви можни сопки новите „комисионери“ да не бидат професионалци со потврден морален интегритет (акцентот е повеќе на интегритетот!), туку повторно да се направи некаква смути-мешавина од политички (читај: партиски) свесни членови кои арбитрарно ќе одлучуваат што и како да работат во гонењето на коруптивните практики во државава.

Некои сакаат тоа да се преточи во одредено етно-партиско мнозинство во Комисијата, за со надгласување да може да се блокираат евентуални „незгодни“ афери, но и да се намали стручното влијание на Секретаријатот на ДКСК во обработката на случаите, како и да се ограничи достапот на ова независно тело за проверки во одредени бази на податоци во државава. Пак Комисијата да се направи што е можно поимпотентна, за да не им го крева притисокот на оние кои би сакале државата да ја имаат на располагање на сопствените дебитни банкарски картички.

Проблемот на овие конспирации е што тоа нема да помине, ниту во стручната, ниту во овдешната невладина јавност, а уште помалку кај меѓународниот фактор. Всушност, веќе се дадени јасни усмени и писмени предупредувања дека намерите им се прочитани.

Сепак, нешто од проблемите се и од објективна природа. На пример, нема да биде лесно да се идентификуваат квалитетни кандидати за членови на ДКСК кои, од една страна, ќе бидат доволно „аутсајдери“ во тековната каша-попара на македонската политичка, кадровска и бизнис сцена; а, од друга страна, да го имаат вистинскиот баланс на знаење, искуство и карактер, па уште да бидат и заинтересирани за работа во ова тело. Кај нас корупцијата е толку распространета, што и борбата против неа може да биде вносен бизнис!

Koлумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e