Преговорите секогаш значеле огромна можност за пресврт во целото општество.
Голем, голем чекор напред, се разбира, доколку и на тој процес и во сите области се пристапи со посветеност и професионалност.
И тоа ќе ви го кажат сите членки кои сериозно ја зграпчиле шансата за европеизација на своите институции, земјите кои нам треба да ни бидат пример.
Македонија изгуби ужасно многу време, како ниедна друга држава. Тука се упропастија генерации и судбини, додека оние кои им раздаваа македонска земја за “без пари” на разни Кондаминаси ни продаваа магла како патриотизам, криминал како родољубие.
И за тоа не одговараа…
А токму одговорноста и воспоставувањето на системот на казнивост е она што граѓаните го очекуваа(т), главната сила што ги движеше напред, за која излегоа по улици.
Преговорите мора да помогнат, да се искористат за силата на правото и правдата да ги надвладее силите на подземјето кои преку партиските и бизнис центрите на моќ, ама и преку гнилите ткива на судскиот организам го гризат интересот на граѓаните.
Тогаш и само тогаш, реформите со помош на ЕУ, реформите за кои покажавме дека немаме сили сами да ги туркаме, реформите што оваа земјичка треба да ја извадат на чистина каде напред ќе се истопорат најдобрите… само тогаш ќе можеме да кажеме дека тие успеале и дека ова парче земја станало вистинска држава.
Затоа на сите треба да ни е јасно дека дури сега следува потешкиот дел, сега кога на сцена ќе треба да стапат херои(ни)те за од овде натаму.
Со среќа татковино, со среќа сограѓани!
ФБ статус на Катарина Синадиновска