Новинар сум од кога знам за себе.
Детски емисии на Радио Тетово и Радио Скопје во основно училиште, “Вечер”(2005 -2007), “Алфа ТВ”(2008 -2010), “Капитал” (2010 – и трае 🙂 ), па се’ до авторската “Агенда 35”.
Волонтер, хонорарец, средно платена, солидно платена, со месеци и месеци без плата.
Секакви времиња.
Репортер, уредник, редактор… новинар.
Кога од забавна, скопска и културна рубрика почнав да се префрлам во политичка (2010), на дел од моите уредници и на еден продуцент им бев (цитирам) “премногу убава за сериозни теми.”
Другиот дел од уредниците, за моја среќа – поважниот – (мои директни ментори, а денес мои добри пријатели, Факиќ и Филков) видоа многу повеќе.
Немав никогаш намера да се врамам во сликата на “доволно неубава” за демек да ми вреди зборот.
Во морето на површноста се дават токму површните.
Знаев дека предрасудите се како вампири – умираат на светлинка.
Јасно ми беше дека ќе треба подолг пат да се изоди и ќе биде потешко, ама си останав доследна на сопствениот стил и поважно – на ставовите и битката за ова парче земја да биде модерна демократија со една клучна црвена линија – систем на казнивост и владеење на правото.
Како што чекорев низ кариерата сфатив дека најмногу се пронаоѓам во интервјуата и коментарите. Два сериозно, ама сериозно потценети жанрови.
Пасија ми се интервјуата со филозофски квалитет и општествена вредност.
Уживав кога на публиката и’ го откривав Господинов, кога ретко кој кај нас го знаеше (прво интервју за македонски медиум) или и’ го претставував Конрад одблизу.
Мојот однос кон професијата е длабоко емотивен и суштински и таа амбициозно го има запоседнато еден од главните столбови на мојот личен идентитет.
Јас живеам со и во тоа што го работам. Уживам во буквите, комотно ми е пред камера.
Никогаш не ме плашело ништо. Свесна сум сосема за јавниот аспект на тоа што го работам. На дневна основа добивам десетина грозни навреди, закани, клетви. Читам за себе лаги, поголеми лаги (и статистика, ха 🙂 )…
Единствен пат кога сум пријавила закана во полиција беше во 2011 кога ми се јавија дека ни поставиле бомба во редакција (тогаш дневниот “Капитал”). Лажен повик, се разбира. Ама реагирав оти во прашање беше колективната безбедност.
Колегата Иванов поттикна многу колеги да отворат сандачиња.
Меѓу нив и мене.
Далеку од тоа дека ми се јавил страв со годините. Напротив.
Но, вчера размислував и давам целосна поддршка за јавно обелоденување на секоја закана и говор на омраза.
Сметам дека имаме обврска да бидеме гласни. Особено ние.
Не оти се плашиме, туку во насока на должноста да се бориме со оваа пандемија на примитивизам што не’ има нападнато.
Оваа пакост, оваа исконска форма на злото што продрела во секоја општествена пора, овие окови од омраза што не ни даваат како народ да испливаме.
Ние мора да растеме!
Не знам дали и колкумина од вас се свесни дека нема поглема опасност за македонското општество денес
од страотната состојба со образованието и културата.
Мора да се освестиме за тоа кои се вистинските закани кои не’ демнат, и нас и нашите деца, и колку се тие сериозни на ова ниво на коешто се препелкаме.
И тие закани драги мои, не доаѓаат во форма на пораки во инбокс. Не, не… тие се системски и систематски пореметувања на целиот македонски организам.
Пораките се симптомите кои ни удираат шлаканица в лице дека на ништо не ни личи општеството вакво, никакво, полно со гадости и пизма.
Каков срам, каков пораз се овие изгубени души, затруени, болни, тажни, изманипулирани…
Колкава битка е пред нас!
Од почеток…
Мора бре да научиме да дебатираме, да размислуваме отаде, да рашириме и умови и души, прозорци да отвориме за добрина и благородност.
Да препознаеме манипулација, па да не ја заборавиме, да се исчистиме од зајадливоста, да се ослободиме од тесноградоста, да се вратиме кон чистината, да созрееме во човештината… па да излеземе сестри и браќа на полето за културен натпревар како што ни прилега!
ФБ статус на Катарина Синадиновска