Точно пред една година непосредно пред изборот на новата Македонска влада, напишав еден текст со наслов “Што направивте“, инспириран од еден случаен коментар и прашање на една личност онака во разминување на скалите на Македонското Собрание, коментар од таборот на онаа поразена страна. Веднаш и одговорив дека срушивме диктатура ете тоа направивме, а малку ли е.
Во тој период и не бев убеден дека ова прашање има силен легитимитет, туку беше израз на еден гнев од оние кои не можеа да разберат дека работите се променија и веќе ништо нема да биде исто. Но ова прашање денес, секако дека има силен легитимитет, денес после една година мораме да седнеме и да си одговориме што направивме, ама никако нема сега јас да им го поставам истото прашање на сегашните опозиционери, а вие што направивте за една година? Ништо не направија, направија митинг, ете тоа направија.
Добро, секоја опозиција има право да протестира и да митингува, тоа е нормално во една демократија, но темите кои ги најавуваат за овој митинг се веќе видени и потрошени. Ама нека се изнавикаат за се што им лежи на душа, а им лежат многу работи.
Да одговориме на кратко. За една година оваа влада по клучните стратешки прашања ја води земјата во сосема исправен правец и постигна голем успех на тој план, кој што сака нека кажува. За многу работи треба време да дојдат на свое место но генерално одиме во добар правец. Во првиот ешалон има способни министри и поединци додека слабостите се во пониските ешалони, третиот ешалон од државните органи, особено некои директори кои водат сериозни институции се доста слаби и немаат капацитет и таму секако после реконструкцијата треба да има промени. Но за ова е доста пишувано и да не ве заморувам повеќе сосема друго сакав да пишувам.
Да ви кажам нешто искрено, никогаш не сум мислел дека по извесно време кога некој човек ке порасне и созрее ќе почне да ги гледа работите од сосема друг агол и ќе размислува поинаку. Исто така никогаш не сум мислел дека денес ќе се согласувам со многу луѓе со кои порано не сум се согласувал, особено во рамките на политичките ставови и гледишта.
Се сеќавам пред многу години кога еден поискусен човек ми рече “знаеш грешиш, комунистите за многу работи беа во право“. Денес се согласувам со многумина кои тогаш велеа дека комунистите сепак за многу работи беа во право. Да беа во право.
За жал точно е дека ВМРО-ДПМНЕ во овие години на независност и самостојност никогаш не донесе некои клучни и тешки одлуки за Република Македонија, тие беа само набљудувачи и критизери но никогаш не застанаа и не се исправија пред овој народ кога беше тешко и кога требаше да се носат непопуларни и тешки одлуки. Не сакам воопшто да ја минимизирам нивната улога, секако дека е значајна, тие беа постојано тука, тоа е една голема партија во која имаше многу чесни поединци и патриоти кои учествуваа во сите значајни настани за оваа земја, но не носеа ниту една крупна и тешка одлука, секогаш тоа мораше да биде некој друг, тоа фактите го зборуваат. Лесно е да се вреска на митинг но тешко е кога треба да се одлучува.
Така беше и за референдумот 1991, нашиот трет Илинден. Комунистите смислија начин како референдумот на 8 септември да помине и да успее, со онаа додавка да стапиме во сојуз со другите југословенски држави и да не беше тоа ниту ќе бевме самостојни и суверени, ниту најсуверени, затоа што мнозинството од македонските граѓани сеуште беа за Југославија, да не се лажеме. Тоа секако ќе се случеше ама можеби подоцна. Потоа самите, да комунистите сами себе се “развластија“, односно ја дисперзираа власта и моќта институционално и воведоа плуразлизам.
Е сега точно е, власт на попови и оџи не даваа, ама што ако им дадоа овие другиве, односно вмровците, почнаа само бизниси и политика да водат, да прават големи финансиски трансакции, да се тепаат за милионски имоти, да се влечат по судови, да се возат во скапи џипови со телохранители и се отуѓија од верниците и народот, ставија ценовници во црквите, и за богати и сиромашни иста цена, а фискални не сакаат, биле одвоени од државата, а за друго не се одвоени само за пари се одвоени, па затоа ли власт им требаше.
Во 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт наместо уште повеќе да се развластуваме и демократизираме како општество тие уште повеќе ја зграбуваа и зацврстува власта, какво развластување какви бакрачи, све што мрда е наше, тоа беше нивната идеја водилка. Со такво размислување и поимање на политиката направија крупни стратешки грешки кои секогаш повторно некој друг мораше да ги оправа и да ги вади од калта. Така беше 2001 кога бевме пред граѓанска војна, мораше друг да ги вади, така беше и 2017 кога сите се прашувавме што ќе биде со оваа наша земја, како што велат некои, душмански испокрадена.
Тотално ја утнаа политиката со меѓународната заедница и ги урнисаа нашите преговарачки позиции околу името па сега кубат коси како сме попуштале, како сме предавници, па не давале они ерга омнес, пази молим те, истите они кои не донесоа до ерга омнес со таа нивна антиквизација и слични будалаштини, па сега они као не давале, а и Хорхе со нив, во еден глас, се разбира. Па кој сака ерга омнес, никој не сака, но проблемите мора да се решаваат и да се биде одлучен и силен во вакви моменти.
Што треба да знае премиерот?
Денес кога Македонија е исправена пред клучни одлуки, премиерот Зоран Заев како политичар со убедливо најголем рејтинг од сите други во Македонија, треба и мора да знае дека оваа битка околу името и нашите Евроатлански интеграции мора да ги води храбро и решително како и до сега и за тоа ќе ја има поддршката од мнозинството народ во Република Македонија. Ќе ја има поддршката од својата партија и од коалицијата која ја предводи. Сите сме свесни дека ова прашање е мошне тешко и чувствително за Македонците но мораме да го решиме. Нашиот идентитет и јазик нема да го дадеме. Сигурно дека ако е тоа во прашање нема да постигнеме решение. Никој од луѓето кои преговараат тоа нема да го направи, во тоа сум повеќе од убеден.
Но, премиерот исто така треба да знае дека разум и одговорност од сите политички фактори, особено од ВМРО-ДПМНЕ нема да добие. Тие ќе направат се што можат на овој свет, дури и повеќе од тоа, да спречат било какво решение и напредок на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и Ѓорге Иванов и некои владици, попови, што и да се, сите се тие еден оркестар и ќе свират синхронизирано, затоа од нив разбирање и помош нема. Едноставно така им одговара. Тука го гледаат нивниот интерес.
Не беа на вториот, се мислеа за третиот Илинден, па еве сега бегаат и од четвртиот Илинден, аман до кога вака, донесете еднаш некоја одлука за оваа држава ма каква и да е.
Токму затоа треба да се биде решителен во овој момент затоа што лидерите се познаваат кога е тешко, а не само на митинг.
Инаку еве на крајот слушнав дека и Хорхе на средбата со министерот за надворешни работи му барал на писмено да го види договорот, односно она што договарале премиерите, па кој учествувал во преговорите, какво мислење имал, Хорхе све сакал да знае затоа што во спротивно тоа било приватна работа на двајца премиери а не било државничка работа. Е како па да не, вакво нешто не сум чул до сега, и од Хорхе да е многу е.
м-р Глигор Стоименов