Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:
Еве ме, пак. Деновиве, можете да претпоставите, главно читам извештаи од мониторингот на референдумот и пишувам соопштенија и анализи. Тие се своевидни „рафали“ од теренот, повеќе од доволно гласни и предупредувачки. Кој и да (не) ги чита сите извештаи, сепак, тие ми дадоа податоци и материјал што ќе го споделувам со вас во наредниот период, за да разјасниме некои многу важни и тревожни прашања.
Песимизам и вицеви
За жал, сѐ повеќе ме опфаќа песимизам – дека некои болести на македонското општество, а уште повеќе на државата, се неизлечиви. Гледам дека моите речиси секојдневни „рафали“ вистински допираат само до оние што се жртви на политиката. Институциите и политичарите заглавија во лавиринтот што самите го создадоа низ годините, а малкумина (со чесни исклучоци) покажуваат волја и посветеност да ги расчистат тешките и темни облаци од корупција и неспособност.
Прочитав една политички крајно некоректна досетка на ФБ, поздрав од БиХ. Па вели: „Makedonci su umjetnici. Jer umjetnost je biti gluplji od Bosanaca.“ Се разбира, не мислам дека народите се глупави, ниту балканските, ниту било кој друг народ на Земјата, ја пренесувам досетката со намера да направам друг вид илустрација. Така, не мислам ни дека Британците се глупави што подлегнаа на националистичката и ксенофобична хистерија, па излегоа од ЕУ, па сега масовно се каат. Мудроста на луѓето често се отсликува во демократските движења и потрагата по правда и благосостојба, но често се случува, да не кажам и пречесто, тие да бидат жртви на манипулативна и валкана пропаганда. (Морам да дообјаснам, затоа што тапоглавите пропагатори веднаш ќе почнат да ломотат, намерно извртувајќи ги пораките.)
Како и да е, барем вицеви не ни недостигаат.
Референдумот и политичкото мочуриште
Референдумот во Македонија, целиот процес, исфрли многу грди состојби и безброј фелери на системот на површината на политичкото мочуриште во кое живееме. Се мешаат темите и процесите намерно, а понекогаш и ненамерно, и кога има и кога нема смисла.
Текот и завршницата на референдумот, без оглед на тоа дали некој ќе каже дека е успешен или неуспешен, покажа дека македонското општество е многу ранливо и подложно на манипулација.
Конечно, отворено и без посебна задршка, се покажа и докажа дека руската држава и нејзините тајни служби сесрдно помагаа во минирањето на деценискиот сон на Македонија да се интегрира во развиениот, демократски свет. Свет што не е без сериозни недостатоци, но тоа не им пречи на стотици милиони луѓе да живеат пристојно, безбедно и достоинствено. И делумно им успеа тоа минирање, колку и да беа гротескни нивните пиони на домашен терен.
Чекан, наковална и бумеранг
Тоа што се случува во нашата земја даде огромен материјал за размислување и проучување, а најмногу за работа. Македонија е постојано меѓу чеканот и наковалната. Но, без оглед на општо утврденото уверување, чеканот и наковалната ги создадовме самите, а странските влијанија само се надоврзуваат на една или друга ситуација. Се ставивме меѓу чеканот и наковалната, поточно меѓу интересите на организирани криминални групи и крајно глупавиот национализам и шовинизам (а каков може да биде освен глупав?).
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.