Секс, лаги и лов на вештици

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Синоличка Трпкова за Дојче Веле:

-Манипулацијата со луѓето отсекогаш била голем предизвик за политичарите и моќниците. Но денес речиси секој може да биде манипулатор.
Кариерите на Харви Вајнстајн, Кевин Спејси, Бил Козби изгледа завршија, или се неповратно оштетени. До скоро тие беа познати и славни, првиот како голем холивудски продуцент, другите двајца како актери. Но сега – не само што им се запечатени кариерите, туку се и предмет на истрага за сексуални злоупотреби. Во минатото, Мајкл Џексон беше предмет на истрага поради сомнеж дека е педофил. Имаше и судење, за на крајот сепак да биде прогласен за невин. Денеска се’ повеќе медиски ѕвезди стануваат јавна мета врз која се цели немилосрдно, најчесто поради сексуална злоупотреби или вознемирувања. Покрај гореспоменатите, листата на оние што беа јавно обвинети постојано се шири: Кејси Афлек, Бен Афлек, Дастин Хофман, Џорџ Такеи, Џејмс Франко, Морган Фриман….. За една година околу 200 познати актери, политичари, моќници се јавно обвинети за сексуална злоупотреба. Јавноста е разбудена и незаситно ја чека следната жртва. Социјалните мрежи се прозорец каде со едно трепкање на очите, допираш до најскриеното катче на светот. Движењето познато како „и јас кажувам” – ги охрабри и жените и мажите да ги отворат своите души и јавно да се исповедаат за нанесените сексуални изживувања од моќниците. Некои од исповедите, рака на срце, испаднаа лажни и измислени. Но еден виновник повеќе или помалку, во овој хаотичен свет, ништо не менува.
Дигитални ловци” и „вештици”

На сите ни е позната приказната за волкот и детето што дига лажни узбуни заради него. Во неа, малиот лажго е изеден од волкот на крајот од приказната, како поука. Но ова е стара приказна која сведочи за некое друго време, време без интернет и социјални мрежи. Во денешно време нема волци и деца, туку „дигитални ловци” и „вештици”. Последната приказна за 80-годишниот актер Такеи, познат по улогата во серијата „Sвездени патеки”, можеби е еден од најсвежите примери за тоа како на интернет се ловат вештици. И за тоа како она што е создавано и градено со децении, може за миг да се уништи, со само едно сведоштво за нешто што наводно се случило пред многу години. Според првичната изјава, „оштетениот” бил сексуално вознемируван од актерот пред скоро четири децении. Ова веднаш одекна како најнов случај од низата на движењето „и јас кажувам”. Додека Такеи стигна да се огласи и да каже нешто во своја одбрана, испадна дека сеќавањето на тогаш младиот модел и не било „баш” најверодостојно. За на крај „моделот” да каже дека всушност не бил сексуално вознемируван од Такеи. Во меѓувреме медиумите го растргнаа Такеи, чекајќи да им се приклучи глутницата од гладни „дигитални ловци” што распалуваат по тастатурите. Но никој не се јави, ниту се пожали, а напротив – оние што го познавале Такеи имаа само добри спомени за него. Дали воопшто сме свесни како ова го доживеал осумдесетгодишниот Џорџ Такеи? Или тоа воопшто не не’ интересира, зашто, нели ако е обвинет, мора нешто да има, а ние немаме време за губење. Но во хистеричната хајка за нови обвинети, не ни сфаќаме дека би можеле лесно – од ловци да станеме и жртва на нечии лаги!

Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e