Двете страни ја презедоа во свое наследство борбата против толеранцијата и компромисот како најдобро решение во битките за освојување на власта нанесувајќи непоправливи штети во формирањето на слободни личности во изминатите 30 години. Ова е најголемото злосторство што е направено во изминатите три децении на самостојност и независност произведувајќи генерации на зависни и несамостојни партизирани личности кои во секој обид за компромис, или за консензус гледаат непријателство и предавство. Тоа зло, како најголема хипотека е влезено во сите пори на општеството почнувајќи од семејството, преку комплетниот образовен систем до највиските научни институции. И сега како тоа изгледа во нашата реалност ако ги земеме за пример веќе спомнатите четири клучни стратегиски државни и животни приоритети и интереси.
Да тргнеме од почетокот на преговорите со Брисел и членството во ЕУ кое декларативно сите го поддржуваат. Договорот со Грција кој е резултат на компромис анблок се отфрли од опозицијата како предавство на националните интереси, на посебноста на македонскиот народ и како катаклизмична загроза на идентитетот, името на државата, историјата и на македонскиот јазик иако ништо од тоа не е загрозено. „Патриотите“ и националистите од двете страни и во Грција и во Македонија имаа исти ставови кои се сведоа на тоа кога ќе дојдат на власт ќе направат подобри договори, ќе ги одбранат националните интереси и ќе ги казнат предавниците. Во Грција дојде до промена на власта, договорот е прифатен, пријателските односи меѓу двете земји се во нагорна линија. Истото ќе биде и кај нас при било каква промена на власта, но дотогаш ќе продолжи труењето на јавноста со лажни ветувања.
Поради несомнениот успех со Преспанскиот договор, од популистички причини денес се бара интерпелација на потписникот на историскиот Договор министерот Никола Димитров. Договорот за добрососедство со Бугарија стана уште пожестока војна на домашната политичка арена добро сервирана од балканштината на бугарската политика која во однос на Македонија не мрдна ни чекор од историската заблуда од Сан Стефано 1878 година, преку окупацијата на територијата на денешна Македонија 1941 прикажана како „ослободување“, па преку НОБ до АСНОМ 1944 година и до ден денес со бугарските корени на словенството и вчудоневиденоста на бугарските актуелни политичари како тоа Македонија да има добри односи со Србија и да им го честитаат македонските политичари празникот Свети Сава на Србите во Македонија. Бугарија може да има добри односи со Србија, ама Македонија не може оти Србите имаат коректен однос кон бугарското малцинство во Србија, ама извршиле геноцид врз бугарското мнозинство во Македонија.
Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на следниов ЛИНК.