-Kога Прибе пред неколку години ни дошепна дека сме ништо друго туку заробена држава, како да добивме рамка во која што пасент ќе ја сместиме сликата на сиромашката Македонија вклештена во канџите на злосторничкото здружение илити локалната политмафија преоблечена во (на почетокот) ефтини костумчиња на државни функционери.
Како што нивните костумчиња со време стануваа се’ поскапи и поскапи – иако, повторно, не ги личеше ни во нив, сељак е сепак, дури и во „Армани“ или „Бриони“, свикнат е на опинци – така и сликата за нивниот криминал стануваше се’ појасна. И како што дури и дадената рамка на заробената држава стануваше претесна за сите нивни бандитско профитерски криминални измислици, така истиот, криминалот, имено, нараснат до размери невидени за една современа „демократска“ држава со кандидатски ЕУ статус, полека почна да им се удира од главата. На крајот, се виде, односно се гледа, (ќе) им дојде до главата. Поточно, додека малкумина од нас се занимаваа со играчката што ни ја подари Прибе и се обидуваа – безуспешно, секако – да ја сместат нашате реалност во дадената рамка, димензиите на пљачкосувањето, на крадењето избори, на сомнителните сообраќајки и отворени убиства конечно го запали црвеното светло и кај меѓународната заедница како знак дека оваа држава и оваа „демократија“ самите не можат да се справат со бандата. И би тоа што би!
Но, дефиницијата на заробена држава уште долго остана односно (се’ уште) ќе ни биде легитимна играчка низ чии што лавиринти ќе го истражуваме опфатот на марифетлуците на криминалното здружение. Така впрочем и треба да биде, зашто Македонија во изминатите дванеаесетина години е навистина меѓународен егземплар, школски пример, лекција во учебник за тоа како се киднапира држава, како се корумпира државната администрација, како се криминализира општеството, како се крадат избори и се’ друго што ќе посакате само ако сте дел од власта. Ако не сте – тешко вам. Злосторничкото здружение смисли односно ги усоврши старите опробани (не само) балкански мафијашки методи, успешно користејќи ја сиромаштијата на народот, податливоста за корупција на партиите и политичарите, неукоста и необразованоста на „елитите“! Денес, со феноменот на заробената македонска држава се занимаваат повеќе надлежни државни органи, агенции, невладини организации и други. Прво заради утврдување на кривичната и друга одговорност на припадниците на криминалната банда маскирана во државни функционери, и второ заради утврдување на процедурите, постапките, механизмите, инструментите преку кои што бандата ја заробуваше државата. Низ овие процеси можеби ќе дојдеме до (речиси) главните точки на превратот, на ударот на бандата врз Уставот и законите на државата како некакво наше (можеби драгоцено) искуство и придонес во меѓународната политичка пракса. (Иако, македонскиот пример, всушност, не е нешто многу поразличен од нацистичките и фашистичките искуства од минатиот век – сепак без одделни драстични искуства, што и не е некоја утеха зашто геноцидот, логорите и сличните масовни злосторства сепак не можат така лесно да се сокријат во современиот технолошки свет! Но затоа ги применивме сите други механизми на дисциплинирање на минатовековните репресивни системи).
Она што е сосема ретко присутно во јавниот македонски збор за нашето неодамнешно повеќегодишно ретроградно искуство е рационалното и непристрасното појаснување на процедурите, практиките, формулациите поврзани со заробената држава, но третирани од аспектот на втората „инволвирана страна“ (С. Тасева). Имено, зборот ми е, веќе подолго време, дека криминалната банда не влезе во државава како некаква десантна единица преку една од македонските граници, па со вперено оружје да ја заробува државата и освојува власта туку тоа го изведе (навидум, барем во првиот мандат) сосема легално, на легитимни избори. И како им тргна … тоа траеше и траеше (повторно, се’ „легално“ и „легитимно“!). Сакам да кажам: оваа држава, ако беше заробена, беше заробена од домашни / локални „сили“ поткрепени од домашна / локална петта колона! Оттука, ние попрво можеме / треба да говориме за самозаробена држава – факт што никако не смее да се заборава и кој што битно влијае и на должината на „мандатот“ на заробеништвото, како впрочем и на самиот чин на ослободување (ако сметаме, нели, дека сме се ослободиле).
Можеби во оваа смисла на самозаробена држава сме вистински феномен во светот зашто, во некои слични историски примери во светот, тој тип на „домашно“ самозаробување одел главно преку употребата на воените односно вооружените сили, што кај нас не беше случај. Кај нас се’ одеше „чисто“, „мазно“, преку божемни избори, преку демократија, преку – народ! Е тој народ, тие македонски граѓани – подразбирајќи ги тука сите етникуми, без исклучоци – беа примарниот инструмент на самозаробувањето. Тие се онаа втора инволвирана страна, тие со нивното (не)однесување ја легитимираа и легализираа криминалната страна на заробувањето, односно – тие се самозаробија! И ако за тоа не беа целосно свесни на самиот почеток, кога им се чинеше дека бандата им гради демократска држава, тоа секако беше јасно веќе година-две по нивното устоличување. И не беше доцна уште тогаш да се тргнат од власта, да се детронизираат и фрлат каде што им е местото. И ќе си го доделам тоа право да потенцирам дека уште на самиот почеток, во 2008 година, кога стана јасно со кого и со што имаме работа, имаше цврсти и аргументирани гласови, вклучувајќи го тука и мојот, кои јавно опонираа и укажуваа на (веќе пројавената) природа на оваа власт, на нејзините амбиции и очигледно непријателски начин на владеење. За жал, тие гласови беа малубројни, а самозаробувањето земаше се’ поголем замаф, до пропорции на вистински режим и стравовлада. А потоа веќе беше доцна!
Златко Теодосиевски