Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:
-Некои луѓе се толку инфицирани со лицемерие и плиткост што за нив ништо не значат јавно искажани ставови, ништо не им значат фактите и реалноста во која живеат. Како да се одвоени од себе, како да живеат нечиј друг живот, привремено, а својот живот го ставиле во тегла, како зимница. Изгледа како да не можат да разберат дека работат против себе и против своите блиски.
Никогаш не сум можел да ги разберам оние што мислат дека штетата што им ја нанесуваат на своите сограѓанки и сограѓани и не е толку голема, дека има сили што секако ќе ја завршат работата наместо нив, а тие во меѓувреме можат да бидат неодговорни, а и да ќарат некој денар или некоја позиција. А сум се обидел, многу пати. Не дека немам разбирање, туку не можам да ги разберам, вистински сум запрепастен од плиткоста и двојноста. Но, како што минува времето, колку што сум запрепастен, толку сум и згрозен.
Да се прочита и разбере
Јас ја почитувам определбата да се биде против Спогодбата меѓу Македонија и Грција, под услов тој документ да биде прочитан и разбран. Ретки се, но такви луѓе имам и во своето пошироко и потесно опкружување. И дебатирам со нив. Некои од нив успевам и да ги убедам во фактите што оправдуваат мојата лична одлука да го поддржам македонското приближување до прогресивните демократии во светот (читај: ЕУ и НАТО). Некои ги прифаќаат моите аргументи, но остануваат на своите одлуки. Почитувам. Не се согласувам, убеден сум дека грешат, но почитувам. И тие ја почитуваат мојата позиција. Што е толку тешко тоа?
Тешко ли е да се разбере и тоа дека некој може целосно и остро да се спротивставува на идејата да се бојкотира еден историски референдум како овој на 30 септември, а воедно да ја почитува одлуката на дел од граѓанките и граѓаните, сепак, да бојкотираат? Се разбира, под услов да разбрале за што се работи, да ја прочитале Спогодбата и да ги знаат придобивките од неа, но сакаат сето тоа да го отфрлат во име на поинакви идеи и стратегии.
Преговорите и евергрин разговорите
Толку за односите меѓу луѓето и потребата од разбирање, почит и политичка култура. Сега да прејдам на политика.
Се надевам дека луѓето се свесни дека референдум ветуваа сите политичари откако постои спорот со Грција и откако траат преговорите за надминување на тој спор. Да, преговорите што во ниеден момент не прекинаа, за што сведочат и оние „евергрин“ разговори што своевремено (2015 година) ги слушнавме меѓу Груевски, Милошоски, Мијалков…
Тогаш, Милошоски многу „мудро“ им елаборираше на своите газди на интерфон: „Кога би бирал помеѓу Вардар Рипаблик оф Маседониа и Апер Рипаблик оф Маседониа како едно име, без загради и без ништо друго, или Индипенден Рипаблик оф Маседониа, во заграда Вардар или во заграда Горна, јас би ја одбрал ова опција со заградата“… Што да се додаде на ова?
Русите сакаат нестабилен Балкан
Само треба да се разбере дека, ете, се составија коцките, се најде храбар политичар и од грчка страна што им се спротивстави на националистите и пружи рака на помирување и достоинствено решение за двете страни. Но, тоа значи и вистинско приближување на Македонија кон ЕУ, автоматска покана за влез во НАТО… Тоа на Русите не им одговара.
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.